Габриел Ескобар нагласи на заедничката прес-конференција со Бујар Османи
Габриел Ескобар ја пренесе силната поддршка на САД за брза евроинтеграција на Македонија, на денешната заедничка прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи. Заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, нагласи дека САД и Македонија не сме само пријатели, туку и партнери и сојузници.
– Би сакал да ја искажам нашата благодарност на Северна Македонија за континуираната поддршка и придонес во НАТО и сакам да ја пренесам силната поддршка од администрацијата на САД за брза евроинтеграција на Северна Македонија. Ние работиме со нашите европски партнери за да се осигуриме дека тоа ќе се случи мошне брзо. Сите сме согласни дека Северна Македонија е културно и историски дел од Европа и треба да биде на заедничката маса – порача Ескобар.
Со САД негуваме продуктивен политички дијалог, оцени Пендаровски на средбата со Ескобар
Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави. На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи помеѓу Македонија и САД, како и за состојбите во регионот.
Пендаровски оцени дека двете држави во континуитет негуваат продуктивен политички дијалог и изрази уверување дека билатералните односи ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика.
Претседателот ја истакна важноста на силната и континуирана поддршка од САД во остварувањето на стратешките цели на нашата држава, од прогласувањето на независноста до денес.
Во однос на аспирациите за членство во Европската Унија, претседателот Пендаровски го реафирмираше очекувањето за скорешен почеток на пристапните преговори за членство, истакнувајќи дека деблокирањето на интегративниот процес позитивно ќе се одрази на севкупната стабилност и развојот на регионот. Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката на американската администрација, и лично на заменикот помошник државен секретар Ескобар, во однос на потребата за напредокот на земјите од регионот кон ЕУ.
На средбата претседателот Пендаровски ја истакна посветеноста на Република Северна Македонија, како најнова членка на НАТО, да придонесе за колективната безбедност и одбрана на вредностите на евро-атлантската заедница.
Пендаровски се заблагодари на поканата за учество на виртуелниот Самит за демократија, во организација на претседателот на САД, Џо Бајден, што ќе се одржи на 9 и 10 декември 2021 година.
Земјата заслужи напредок поради покажаното лидерство и реформскиот процес
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска оствари средба со заменик помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, кој престојува во работна посета на земјава.
Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), на средбата се разговарано за европската перспектива на Македонија и регионот како заедничка стратешка цел, како и актуелните состојби во тој контекст.
Димитров упатил благодарност за континуираната американска поддршка на европските интеграции и партнерството и сојузништвото во справувањето со глобалните предизвици, како израз на заедничките вредности.
– Делиме иста визија за иднината на Северна Македонија и регионот и поддршката од САД како наши партнери и сојузници секогаш била двигател на процесите. Почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија ќе означи заокружување на едно поглавје во исполнувањето на заедничката стратешка цел и создавање на нов моментум за европската иднина на регионот како гарант на стабилноста и демократијата. Надминувајќи ги актуелните предизвици, ќе можеме да се насочиме кон унапредување на споделените вредности и продлабочување на партнерството во тој поглед – посочил вицепремиерот.
Ескобар ја истакнал посветеноста на Македонија како НАТО сојузник во обезбедувањето на регионалната безбедност и промовирањето на евро-атлантските вредности, при што ја посочи важноста на Преспанскиот договор како столб на мирот и сигурноста во регионот.
Тој нагласил дека покажаното лидерство и заложбите во реформскиот процес треба да бидат валидирани со заслужен напредок во европските интеграции на земјата, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција во процесот на преговори.