Премиерот, Зоран Заев, во Њујорк присуствуваше на вечерата што за шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан ја приреди високата претставничка за надворешни работи и безбедносни политики и заменик претседател на Европската Комисија, Федерика Могерини.
Заев истакнал дека само неколку недели остануваат до октомврискиот самит на Европскиот Совет, кога за Северна Македонија, како што рекол, се очекува позитивна одлука за започнување на преговори со ЕУ.
– Во разговорот за време на вечерата, премиерот Заев истакна дека ова е клучен период за нашата земја и дека сите напори се фокусирани на тоа да се задржи позитивниот дух кај сите земји членки на ЕУ за поддршката за Северна Македонија да ги отвори преговорите со ЕУ – соопштија од Владата.
– По добивањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ во 2005 година, низата на последователни позитивни препораки од Европската Комисија и афирмативните заклучоци на Европскиот Совет во 2018 и 2019 година, како и заради остварените и признаени резултати, Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите со ЕУ без натамошно одлагање – рекол Заев.
Стартот на преговорите, рекол премиерот, ќе биде успех и на Северна Македонија и на ЕУ, како резултат на заедничките остварувања за време на предпристапниот процес.
Премиерот Заев и владина делегација во Њујорк учествуваат на 74-то Генерално собрание на ОН, кое официјално започнува денеска со учеството во работата на самитите посветени на климатските промени и на универзална здравствена заштита.