На пониски надворешни температури повеќе се одржува и коронавирусот, поради што граѓаните треба да биде особено внимателни, предупредуваат лекарите
МИНУСНИ ТЕМПЕРАТУРИ ВО МАКЕДОНИЈА ВО СЛЕДНИОТ ПЕРИОД
Студен бран од денеска ќе ја зафати цела Македонија, најпрвин со слаб до умерен снег во западните делови, а потоа и со значително ниски температури.
Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека утре, петок, и за време на викендот ќе биде суво и многу студено, а температурата во поголем дел од земјава преку целиот ден ќе се задржи под нулата. Најстудено ќе биде наутро за време на викендот, кога температурата во Малешевијата и во Пелагонија ќе се спушти и до -12 Целзиусови степени. Студено ќе биде и на почетокот на идната недела, со минусни температури под нулата.
Временските промени може да бидат причина за настинки, но и поради пандемијата лекарите порачуваат да нема повеќе групирања, за да се спречи пораст на бројот на заразени од ковид-19.
– На пониски надворешни температури повеќе се одржува вирусот. Но поради студениот бран не очекувам некакви големи промени во однос на бројот на заразени. Сѐ зависи од тоа колку ќе се собираат луѓето. Тие што се собираа и полесно се заразија, а доста и починаа, па сметам дека луѓето се уплашија и сега повеќе внимаваат. Можеби младите повеќе ќе се собираат во затворени простории, по кафулиња, но во оние полузатворените помалку, бидејќи тешко ќе можат да се загреат – вели д-р Никола Пановски.
Матичните лекари, пак, нагласуваат дека наглата температурна промена најмногу ќе ја почувствуваат хронично болните и метереопатите.
– Наглите температурни промени и овој студен бран повеќе ќе влијаат на хронично болните лица. Тие ќе мора повеќе да внимаваат на здравата исхрана, редовно да ја земаат својата препишана терапија и да земат витаминска терапија, како и редовно да ги проветруваат просториите во кои престојуваат. Особено лицата со срцеви заболувања да внимаваат да не излегуваат на ниски температури, бидејќи навечер и наутро, кога е постудено, доаѓа до стегање на крвните садови, па затоа прошетките на отворено да ги прават помеѓу 10 и 14 часот. Оние, пак, со респираторни заболувања да не излегуваат доколку е загадено и, а секако и едните и другите да носат маски, задолжителна дистанца поради ковид-19 и што поголемо внесување свеж зеленчук, овошје и течности. Ова, секако, се однесува и на здравите лица и на оние што веќе прележале ковид-19 и ги извршуваат своите работни обврски. За нив особено се важни прошетки на сонце заради витаминот Д, кој е многу важен – истакна д-р Јованка Костовска, матична лекарка во здравствениот дом „Бит-пазар“ во Скопје.
Зимските служби задолжени за безбедност на патиштата и расчистување на снегот тврдат дека се максимално подготвени, екипирани и снабдени со материјали.
– Сите наши екипи се подготвени и имаме доволно материјали и механизација, како камиони со плугови за расчистување на снегот, камиони за посипување сол и ризла, и подготвени сме да дејствуваме во однос на временските услови на сите магистрални и регионални патишта. Тоа го правиме и сега, секојдневно ги контролираме осојничавите места за да обезбедиме безбедни патишта. Работиме 24/7 и сите наши пунктови се отворени во скопско Маџари, Петровец, потоа во Штип, Велес и Битола – велат од ЈП „Македонија пат“.
Од Град Скопје информираат дека заедно со јавните градски претпријатија, за претстојната зимска сезона 2020/2021 обезбедиле околу 4.000 тони индустриска сол, од кои околу 1.000 тони се резерва од зимската служба 2019/2020.
– Екипите на Град Скопје во зимски услови одржуваат коловозни површини од над 2.600.000 квадратни метри. Во пунктовите се организирани 24-часовни дежурства, а ресурсите ќе се употребуваат во согласност со временските услови. Градот ќе ангажира дополнителна механизација од 18 камиони од фирмата „Аполо“, кои се опремени со навигациски уреди. Зимската служба ќе ги расчистува коловозните ленти според приоритетите, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот до стопанските објекти – велат од Град Скопје.