Премиерот Зоран Заев потпиша неотповиклива оставка по што од Собранието информираа дека претседателот Талат Џафери ја примил и во текот на денот ќе закаже седница за избор на техничка влада.

Согласно договорот од Пржино, во Законодавниот дом ќе треба да се изберат технички министри кои ќе работат на спроведување на изборите. Договорот предвидува премиерот да се повлече од функцијата 100 дена пред изборите од датумот на одржување, а тоа значи дека изборите треба да се одржат на 12 април.

Актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ќе биде технички премиер. Претседателот Стево Пендаровски треба да му го врачи мандатот за вршење на функцијата, по завршување на сите собраниски процедури.

Во преодната влада ќе бидат и Мила Царовска, која ќе биде вицепремиер за економски прашања, Славјанка Петровска ќе биде заменик-министер во МВР, а Санела Шкријељ во Министерството за труд и социјална политика.

ВМРО-ДПМНЕ ќе го земе Министерството за внатрешни работи, каде, пак, технички министер ќе биде Наќе Чулев. Техничка министерка за труд и социјална политика ќе биде Рашела Мизрахи, а, пак, Гордана Димитриеска-Кочоска е кандидат за заменик-министер за финансии. Министерството за земјоделство ќе го раководи Цветан Трипуновски, а министерка за информатичко општество и администрација ќе биде Невенка Стаменковска-Стојковски.


Пендаровски ќе го врачи мандатот за формирање на техничката Влада

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ќе му го врачи мандатот за формирање Влада на Оливер Спасовски, информираат од Кабинетот на претседателот.

По завршувањето на седницата во Собранието, за избор на Влада, претседателот Пендаровски во својот Кабинет – Вила Водно, ќе ги прими членовите на новиот владин состав.

Од Кабинетот посочуваат дека термините за двата настани, врачувањето на мандатот и приемот за членовите на новиот состав на Владата ќе бидат дополнително соопштени.