Доколку Бугарија каже „не“ за влезот на Северна Македонија во ЕУ, јас лично ќе истапам и ќе се заложам за изготвување документ за полесно да се справите со прашањето за влез во Унијата, истакна полскиот претседател Анджеј Дуда кој е во дводневна посета на Македонија.
– Се надевам дека новоформираната влада во Бугарија ќе има поконструктивна позиција во поглед на пристапувањето на Република Северна Македонија во ЕУ. Тука би сакал јавно да изјавам дека доколку Република Бугарија и понатаму реагира неконструктивно односно каже не за влезот на Северна Македонија, јас лично ќе истапам и ќе се залагам за изготвување на некој патоказ односно документ којшто ќе послужи на Северна Македонија полесно да се справи со ова прашање, порача Дуда, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин Стево Пендаровски.
Полскиот претседател додаде дека Бугарија сѐ уште е во изборен процес и оти новата влада таму сѐ уште не е формирана, па во наредниот период се очекуваат резултати од тој изборен процес.