Фото: Маја Јаневска-Илиева

СЕ РАСВЕТЛУВА СКАНДАЛОТ ЗА ПАТНИЦИТЕ ЗАРАЗЕНИ ОД КОРОНА

Веста за авионот што изминатата сабота летал од Скопје за Финска со 24 патници, кои биле позитивни на ковид-19, ги обиколи европските медиуми.
Сепак, според македонските здравствени власти, најголем дел од патниците, односно 95 лица што патувале од Скопје до Финска биле косовски државјани, и лица што имале фински документи, а само двајца летале со македонски пасош. По извршените проверки, од Министерството за здравство вчера изјавија дека ниту еден од нив не е регистриран во базата на позитивни случаи со ковид-19 во нашата земја, што значи дека немаат решение за изолација како позитивни од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Станува збор за иселеници или лица што транзитираат преку Македонија, а потоа се враќаат на работа во Западна Европа, за кои со дозвола за престој или државјанство од ЕУ не важат рестрикциите при влез и излез од земјата.

Венко Филипче, министерот за здравство, на својот фејсбук-профил напиша дека веќе се извршени проверки за сите патници од авионот за Финска и дека ниту еден од нив не е регистриран во базата на позитивни случаи со ковид-19 во нашата земја, што значи дека немаат решение за изолација како позитивни од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
– Според добиените податоци во посочениот лет најголем дел од патниците патувале со косовски пасош (95 лица), фински пасош (60 лица), а преостанатите се со македонски (двајца), албански, бугарски, естонски и шведски пасоши – посочи Филипче.

Министерството за здравство повторно апелира задолжително да се почитуваат сите мерки за лична заштита при секое патување и секаде каде што е пропишано, зголемена дезинфекција на раце и одржување дистанца.
Инаку во саботата, во финскиот град Турку пристигнал авион од Скопје со 157 патници, од кои по извршеното тестирање 24 лица биле позитивни на ковид-19, поради што Финска ќе воведе задолжителни тестови за коронавирус и карантин за патници од земји со висок ризик. Доброволното тестирање на финскиот аеродром било спроведено откако властите неодамна утврдиле дека два авиона од земјава и од Романија, се главни извори на нови инфекции со коронавирусот.