Преговорите за влез на Алтернатива во Владата се при крај. Најверојатно наредната недела лидерите на политичките партии ќе го објават и договорот што се однесува до распределба на ресори, изјави вечерва министерот за економија и кадар од ДУИ, Крешник Бектеши.
– Нашиот став како ДУИ е дека се добредојдени во Владата сите политички партии кои ги споделуваат сите вредности во делот на интегрирање на нашата држава во ЕУ, за справување со здравствената и енергетската криза. Во моментов многу е важно нашата држава да има стабилна влада, стабилно Собрание каде ќе се носат вакви важни одлуки, а во делот на отстапување на ресори веќе при крај се преговорите. Најверојатно наредната недела лидерите на политичките партии ќе го објават и договорот што се однесува до распределба на ресори – рече Бектеши во интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.
Тој, меѓу другото, истакна дека не доаѓаат во предвид предвремени парламентарни избори, ДУИ е, вели, заинтересирана да ја реализира целосно програмата до 2024 година.
Бектеши рече дека според ДУИ, Заев треба да остане како претседател на Владата, но дека штом завршат внатрепартиските избори во СДСМ нивна одлука ќе биде за тоа кој ќе биде нивен мандатар и дали Заев ќе се повлече. За интегративците, повтори, важна е стабилноста на Владата.
Алтернатива ја одложи за утре седницата на Централниот совет на која вечерва требаше да се одлучува дали партијата ќе биде дел од Владата, поради пренесувањето во државава на останките на 45-те настрадани во сообраќајната несреќа во Бугарија. Лидерот на партијата Африм Гаши досега имаше три средби со премиерот и лидер на СДСМ во оставка Зоран Заев на кои се дискутираше за учество на Алтернатива во Владата и поддршка на парламенраното мнозинство од нивните четворица пратеници.