Фото: МИА

Министерството за внатрешни работи вчера доцна вечерта соопшти дека е лажна пријавата за исчезнато петмесечно бебе во скопска клиника и оти жената која пријавила дека ѝ го нема детето е приведена. Според она што го пренесоа ден од медиумите, а повикувајќи се на пријава од родителите, бебето исчезнало кога од Клиниката за гинекологија било префрлено на Клиниката за детски болести. Клиниките веднаш излегоа со информација дека немале регистрирано таков пациент. По деталните проверки на полицијата е утврдено дека е „лажно пријавено исчезнување“, односно, дека жената која лажно пријавила нема дете на таа возраст.

Во соопштението на МВР се вели:

„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека во координација со Основно јавно обвинителство Скопје го расчисти случајот со наводно исчезнато дете на Клинички центар и утврдено е дека станува збор за лажна пријава од страна на Л.А.
Веднаш по добиената пријава, од страна на Единицата за насилен криминал при СВР-Скопје, а во консултација со ОЈО Скопје преземени се соодветни мерки и активности. Направени се детални проверки во системот на Гинеколошко акушерска клиника Скопје за примени пациенти, и притоа констатирано е дека Л А. последен пат е хоспитализирана во 2019 година. Исто така направени се проверки во системот на Детска клиника и притоа не е забележано новородено дете како што пријави Л.А.
Направени се проверки во ординацијата на матичниот лекар на Л.А. и притоа констатирано е дека таа била на преглед на 8.3.2023 година каде што од страна на докторот е констатирано дека Л.А. не е бремена. Извршен е разговор со докторот и од прибраните докази е констатирано дека пријавата на Л.А. е лажна. Во консултација со дежурен јавен обвинител Л.А. е лишена од слобода и задржана во полициска станица за понатамошно постапување“.