Министерката за одбрана Славјанка Петревска и министерот за одбрана од Словенија Марјан Шарец денеска потпишаа нов договор за соработка во одбраната меѓу двете држави.
-Нашите две држави имаат традиционални, пријателски, дипломатски и политички односи. Но среќна сум што соработката помеѓу нашите две држави е и многу повеќе од тоа. Во делот на одбраната веќе подолго време сме дел од заеднички проекти, преку кои како сериозни и посветени НАТО членки придонесуваме во исполнување на целите и политиките на Алијансата од која сме дел. Областите во кои ќе соработуваме се бројни. Но она што е најзначајно, е дека преку реализацијата на овој договор ќе придонесеме кон зајакнување на мирот, довербата, стабилноста и просперитетот на земјите од регионот, но и на целата евроатлантска област – појасни министерката на заедничката прес-конференција со Шарец во Скопје.
Додаде дека билатералната соработка помеѓу двете земји придонела кон подобрување на заедничката имнтероперабилност и колективната безбедност.
-Заеднички придонесуваме во мултинационалните сили на НАТО во Летонија и со тоа јасно покажуваме дека не отстапуваме од нашата најважна цел, безбедна Алијанса и сигурни граѓани. Македонија и Словенија и на регионално ниво имаат исклучително плодна соработка. Заедно ги развиваме балканските медицински наменски сили, чие постојано седиште е тука во Македонија и во таа насока да се заблагодарам на Словенија за активниот придонес во оваа иницијатива – децидна беше Петровска.
Посочи дека реформата на кризниот менаџмент е приоритет на Министерството за одбрана и дека во тој процес, како и досега во сите процеси, очекува исклучителна поддршка и помош од Словенија.
Министерот за одбрана од Словенија Марјан Шарец соработката помеѓу двете држави ја оцени како одлична како на билатерално, така и на регионално ниво.
-Редовниот дијалог кој се одвива на сите нивоа на стратешко ниво, помеѓу министрите, државни секретари, директори за одбранбена политика, различни билатерални и мултилатерални формати, секако придонесува кон овие одлични односи. Резултат на се досега споменато е новиот Договор помеѓу Владата на Република Словенија и Владата на Македонија за соработката во областа на одбраната. Како многу исклучително важно го гледам е гледам го гледам продлжувањето на соработката во меѓународните операции, мисии и дополнителни можности во оваа област – изјави Шарец.
Тој и се заблагодари на Македонија за помошта која меѓу првите ја испрати по катастрофалните поплави во Словенија. Сто војници на АРМ беа испратени во хуманитарна операција во Словенија во јуни.
Во рамки на настанот се одржа и панел дискусија на која беа споделени искуствата и резултатите од меѓусебните соработки на двете земји во изминатиот период особено на помошта за справување со пожарите.
Неодамна протераните руски дипломати се обиделе да се вмешаат во стартешките национални интереси на државата, истакна Петровска
Министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека тројцата руски дипломати кои неодамна беа протерани се лица кои работеле спротивно на дипломатските правила и се обиделе, односно сакале да се вмешаат во стратешки национални интереси на нашата држава.
Таа на денешната прес-конференција во Скопје со словенечкиот министерот за одбрана, Марјан Шарец одговарајќи на новинарско прашање посочи дека стратешката цел на државата е членство во НАТО и ЕУ и дека секој кој ќе се обиде да го попречи тој пат не може да биде пријател на државата.
-Што се однесува на последното протерување засега станува збор за лица кои работеле спротивно на дипломатиските правила, меѓутоа очигледно е дека со правилата согласно речникот на безбедносно – разузнавачките служби се обиделе или сакале да се вмешаат малку повеќе во стратешките национални интереси на нашата држава. Нашиот пат, патот на државата не само на оваа Влада, туку на државата во целина е многу јасен и многу пати досега сме изјавувале дека наша стратешка цел е членството во НАТО и ЕУ и секој еден кој ќе се обиде да го попречи тој пат не можеме да го сметаме за пријател, особено не ако тоа сака да го направи преку мешање во работата на институциите или кои било други субјекти во нашата држава – изјави министерката.
Додаде дека Армијата и Министерството за одбрана се безбедни и имаат развиено систем на заштита од вакви или слични влијанија.
-Армијата и Министерството за одбрана се безбедни и имаат развиено систем на заштита од било какви влијанија вклучително и на вакви злонамерни, тоа се сите оние влијанија за кои сметаме дека се спротивни на нашите стратешки и национални интереси следствено на тоа сакам да ја поздравам и работата не само на военото разузнавање, туку и на другите безбедносно – разузнавачки служби, кои очигледно добро си ја работат својата работа, закана од таков тип директно кон припадници на министерството или на Армијата не сме детектирале – увери Петровска.
Неодамна Министерството за надворешни работи на Македонија потврди дека од земјата биле протерани тројца руски дипломати.
-На 12 септември, во Министерството за надворешни работи беше повикан амбасадорот на Руската Федерација кому му беше врачена дипломатска нота, со која тројца дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје беа прогласени како непожелни во државата (persona non grata) – беше наведено во соопштението на Министерството.