Фото: Маја Јаневска-Илиева

Појавата на антисемитизмот чиј пораст, за жал, е евидентен последниве години, посебно во Европа, е вид на рано предупредување за секоја заедница. Иако започнува како омраза насочена кон Евреите, тој никогаш не завршува само со Евреите, затоа што бргу се свртува и против другите различни и ранливи категории на луѓе. За да не се шири, антисемитизмот мора да се превенира. Тоа се прави со спротивставување на историскиот ревизионизам и чување на историската вистина за холокаустот, преку едуцирање на младите и подигнување на свеста на јавноста. Но, истовремено, и со санкционирање на секој обид за негирање, минимизирање, одобрување или оправдување на холокаустот и делата извршени од национал-социјалистичките режими како што направивме ние со последните нивелирања на Кривичниот Законик со кои го санкциониравме антисемитизмот. Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на научниот собир на тема: „80 години од холокаустот на македонските Евреи“ што се одржува денеска во МАНУ.

-Целта на нацистите и на нивните фашистички сојузници не била само да се уништат Евреите, туку и да се избрише споменот за нивното постоење. За да не дозволиме жртвите да бидат и по втор пат убиени, ние мора да го зачуваме сеќавањето за нив. Северна Македонија треба да го поддржи Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи и секој истражувачки проект во напорите да се зачува споменот за нашите сограѓани Евреи кои беа убиени во логорот на смртта Треблинка. Но, освен спомените за жртвите, ние треба да се грижиме и за спомените на преживеаните и на оние кои помогнале да се спасат Евреи – рече Пендаровски.

Тој при тоа го посочи примерот на Исак Сион, евреин од Штип, кој успеал да се извлече од колоната при депортацијата на штипските евреи и да се засолни во домот на неговиот другар и иден соборец во НОБ, Турчинот Фируз Назим Демир, за кого е дадена иницијатива за отпочнување на постапка во „Јад Вашем“ за негово постхумно прогласување за праведник меѓу народите.

-Иако со денешниов научен собир се заокружува одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи, нашата работа допрва почнува. Уверен сум дека случајот со Фируз Демир не е единствен и дека во тогашна окупирана Македонија имало многу слични случаи на добронамерници кои спасиле Евреи, но, поради низа околности не биле вброени меѓу праведниците. Ова нека биде поттик за истражувачите да ги пребараат нашите, но, и странските архиви за да можеме да го дополниме списокот на луѓето кои со својата хуманост и храброст се спротивставиле на злото на Холокаустот. Воедно, ни останува уште многу работа за да ги зачуваме спомените за депортираните Евреи и со тоа да ја заштитиме историската вистина од секој обид за ревизионизам. Бидејќи, како што вели една стара сефардска мудрост – без сеќавање, нема иднина – вели Пендаровски.

Академик Владо Камбовски, раководител на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, меѓу другото ќе посочи дека научната анализа на меѓународно – правниот аспект на Холокаустот на македонските Евреи е основа за непореклива квалификација на сите елементи на злосторствата извршени од страна на тогашна Германија и Бугарија во Македонија, Јужна Србија (Пирот и околината) како делови од Кралството Југославија и Тракија како дел од Грција, кои кулминираат со депортацијата на 11.343 Евреи, од кои 7.144 македонски Евреи во логорите на смртта.

– Приклучувањето на бугарската армија, полиција и на цел управен апарат, како и на јурисдикцијата на БПЦ, просветната власт, културната и другите делови на јавната власт во Македонија не може да се смета во светлината на меѓународното право и неговите норми создадени пред Втората светска војна (ВСВ), за администрирање туку за учество во агресија што се остваруване само со заземање на територијата на друга држава туку и нејзино задржување со помош на вооружени сили. Но покрај актот на агресија, со таквиот чин Бугарија изврши и присилна анексија која по дефиниција претставува насилно воспоставување на сопствената власт на една држава врз територија на друга држава и се смета за придружно меѓународно злосторство кон агресијата – вели Камбовски.

Тој осврнувајќи се на меѓународно-правната и казнено-правна рамка во која се сместени историските факти за погромот на македонските Евреи, ја повикува бугарската општествена мисла и историска наука расчистувајќи ја контроверзата на „спасување“ на бугарските наспорти депортацијата на македонските Евреи, да одговори дали и во која мера со неа колидираат денешните прекројувања на историските факти за учеството на тогашната бугарска профашистичка влада во холокаустот.

Горан Садикарио, главен и извршен директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија истакна дека денешниот собир има за цел не само да ја одбрани историската вистина и да се спротивстави на обидите за бришење на доказите за Холокаустот, туку и да укаже на растечкиот антисемитизам во светот и тука по терористичкиот напад на Хамас врз Израел од 7 октомври оваа година, како и на тоа дека и денес Евреите повторно живеат во страв насекаде во светот.

-За жал сведоци сме на континуиран ревизионизам и искривување на историскатра вистина за Холокаустот на териториите под бугарска окупација од страна на актуелни бугарски функционери и поллитичари. Изминативе неколку години бугарски функцинери дури го поддржа и отворањето на контроверзни бугарски културни клубови во Битола и Охрид што носеа имиња на докажани сојузници на Хитлер. Наместо да покажат политичка зрелост со тоа што ќе преземат морална одговорност и ќе се извинат за случувањата од пред 80 години, бугарски функционери и политичари ја условуваат европската интеграција на Северна Македонија со прифаќање на тн „заедничка историја“ во која според нив, нема место за вистинската улога на бугарскиот фашистички режим во Холокаустот. За апсурдот да биде уште поголем овој притисок се прави во име на европската иднина на нашата држава. ЕУ не може да се бори против антисемитизмот доколку дозволи ревизионизам на Холокаустот да биде макар и најмал дел од предусловите за членство – рече Садикарио.

Организатори на научниот собир се Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите, под покровителство на претседателот Пендаровски и во соработка со Филозофското друштво на Македонија, Еврејска заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, а е посветен на академик Иван Дејанов, предлагач на изградбата на првиот европски музеј на холокауст во Скопје.