Државниот пазарен инспекторат на терен ги контролира правните субјекти и трговците, дали се придржуваат до одредбите на одлуката на Владата, со која ги задолжи да ги намалат цените на училишниот прибор најмалку за 10 проценти во трговијата на големо и најмалку за 15 проценти во трговијата на мало, која се применува од 25 овој месец. Граѓаните може да пријават неправилности или непочитување на одлуката на 191 или www.dpi.gov.mk.
Според ДПИ, трговците за вршење дејност трговија на мало, производите наведени во одлуката, кои се поставени на полиците, треба јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд, како и со претходната продажна цена, на која е утврдено намалувањето и новата намалена продажна цена.
– Во согласност со одредбите на одлуката, највисоките цени на производите опфатени со одлуката се утврдуваат на нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба) што се применувале на 1 јуни 2026 година во трговијата на големо, кои се намалуваат најмалку за 10 проценти, како и во трговијата на мало (специјализирани продавници за продажба на училиштен прибор, продавници за спортска опрема, кои продаваат ранци и чанти, и трговците на мало, кои во својот асортиман на производи продаваат и училиштен прибор), кои се намалуваат најмалку за 15 проценти – појаснуваат од ДПИ.
Додаваат дека по исклучок, за производите што се набавени по 1 јуни 2026 година, највисоките цени за производите се утврдуваат на нивото на цените евидентирани во материјалната евиденција во трговијата на големо, кои се намалуваат најмалку за 10 отсто, како и на нивото на цените евидентирани во приемниот лист во трговијата на мало, кои се намалуваат најмалку за 15 отсто.


































