Фото: Универзитет Европа Прима

На јубилејното десетто издание на Интернационалниот фестивал „Кирилица“ во Будва и неговото свечено отворање, на кое присуствуваа бројни гости од различни европски и светски метрополи, првите две фестивалски вечери беа посветени на македонскиот писател со светско реноме, Јордан Плевнеш.

На 24 август, на познатиот Плоштад меѓу трите цркви – митско место на вековната историја на Будва – беа промовирани двете најнови изданија на драмата „Кирил и Методиј – Who Are You“, француското и црногорското издание.

Фото: Универзитет Европа Прима

Поздравната реч на поетот и уметнички директор на фестивалот „Кирилица“, Радомир Уљаревиќ, претставуваше трансисториска анализа на присуството на Плевнеш во светската театарска елита. Осврнувајќи се на преводите на неговите драми на триесетина светски јазици, Уљаревиќ го истакна предговорот на големиот француски театролог и професор на Сорбона, Жорж Бани, за драмата „Кирил и Методиј“, насловен „Плевнеш станува планетарен автор“.

Фото: Универзитет Европа Прима

Според него, оваа драма се одвива на седумнаесет точки што претставуваат вечни жаришта на уништување на човечката надеж и го поставува прашањето што го изговараат словенските рамноапостоли: „Ќе се роди ли повторно цивилизацијата на љубовта и носталгијата по единството?“

Во дебатата учествуваа бројни театролози и универзитетски професори кои ја истакнаа водечката улога на Плевнеш на меѓународен план во дијалогот на цивилизациите, во време на најжестоки нуклеарни закани и масакри.

Фото: Универзитет Европа Прима

Втората вечер на фестивалот „Кирилица“, на митскиот Плоштад меѓу трите цркви, беше изведена најновата премиера на оваа драма, која досега е прикажувана на повеќе јазици и на различни меридијани. Претставата беше изведена од Народниот театар „Зоран Радмиловиќ“ од Заечар, во режија на Горан Бјелановиќ, со ансамблот на овој театар. Главните улоги ги толкуваат Бранислав Мијатовиќ, Габриел Бечаревиќ, Јелена Рајиќ, Викторија Арсиќ, Милош Танасковиќ и Сања Недељковиќ.

Фото: Универзитет Европа Прима

Определбата на драмата на Плевнеш како потресно сведоштво за еден цивилизациски круг кој сака да се врати во самиот себе и повторно да биде свој, доживува силна сценска експлозија преку ликовите што ги носат своите имиња, а живеат оддалечени еден од друг на двата крајни краја на планетата – од Њујорк до Владивосток. Таа енергија се пренесува и во публиката, која со силни емоции го следи дејствието, се соединува со судбината на протагонистите и ги наградува актерите со долг и бурен аплауз.

Фото: Универзитет Европа Прима

Будва во првите два фестивалски дена беше во знакот на Кирил и Методиј, кои единаесет векови по нивната смрт беа прогласени за заштитници на Европа, и тие како да го надлетуваа Средоземното Море – некогашна и денешна Долина на солзите – од Солун и Константинопол до Света Софија Охридска, потврдувајќи дека остануваат вечно живи во чудесното соединување на времињата во драмата на Јордан Плевнеш и во нејзината современа рецепција.