Фото: Марија Захарова/ Министерство за надворешни работи на Русија

Русија би можела да ги нападне британските воени цел во и надвор од Украина како одговор на украинските напади врз Русија со британски крстосувачки проектили со долг дострел, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пренесе „Ројтерс“.

-Постојано предупредувавме дека сите британски воени објекти и опрема во Украина и надвор од нејзините граници би можеле да бидат цел на одговор на украинските напади врз руска територија извршени од британско оружје – рече Захарова.

Таа додаде дека „Велика Британија треба уште еднаш внимателно да ја анализира ситуацијата и веднаш, на најрешителен и недвосмислен начин, да ја напушти агресивната линија на непријателот, што може само да создаде ризик од ескалација на конфликтот на сосема ново ниво“.

Предупредувањето следува еден ден откако Русија ја обвини Украина дека лансирала британска ракета „Сторм шедоу“ врз трговски центар во рускиот град Донецк, при што биле повредени цивили, меѓу кои и деца.

Кремљ пред три дена соопшти дека Велика Британија методично додава масло на огнот откако Лондон објави дека ќе му дозволи на Киев пристап до тајна технологија за да почне со производство на сопствени крстосувачки ракети „Сторм шедоу“.

Франција веќе се согласи да ја лиценцира технологијата за европски проектили.