Градоначалниците на скопските општини бараат начин како да се разреши Данела Арсовска од челната позиција во Град Скопје, а таа преку отворено писмо упатено до премиерот Христијан Мицкоски бара да се надминат личните недозрабирања и да се решат горливите проблеми со коишто се соочува градот.
Во име на граѓаните на градот Скопје и во име на вработените во градската администрација и претпријатијата под надлежност на градот Скопје ви испраќаме отворено писмо со надеж дека на овој начин ќе ја разберете и поддржите потребата од стабилизирање на состојбите во главниот град кои благодарение на непринципиелните политики беше нарушена во претходниот период. Ве повикувам и Ве замолувам да внесете разум во делувањето на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Вашата коалиција во Советот на Град Скопје. Крајно неодговорно и неразумно е граѓаните на главниот град да бидат жртви на самоволието на 23 лица чие единствено политичко делување е преку деструкција, блокади и политички манипулации – се наведува во писмото.
Во него се додава дека граѓаните на градот Скопје не смеат да бидат жртви на политичките амбиции на поединци од Советот на Град Скопје.
– Недозволиво е скопјани да чекаат автобуси по еден час на екстремни температури, недозволиво е учениците да немаат превоз, а уште пострашна е најавата на министерката за образование и наука дека нема намера да го исплати долгот за бесплатниот превоз на студенти и средношколци кон ЈСП, со намера и да го прекине овој проект. Како Влада со големо владеачко мнозинсво имате начин и капацитет, а сакам да верувам дека имате и политичка волја да ги исплатите долговите кон ЈСП од 8 милиони евра, КХС од 2.5 милиони евра, но и кон ЈП Дрисла на кој само Клинички центар му должи 1 милион евра, како и долговите кон ЈП Водовод и Канализација кои се бројат во милионски суми – вели Арсовска.
Доколку не ги убеди советниците, тогаш Арсовска бара од премиерот да набави автобуси за главниот град.
– Доколку Владата нема средства за оваа намена, ние сме подготвени, а со одлука на Советот на Град Скопје, да ви ги префрлиме потребните средства на посебна сметка, а вие да ја спроведете набавката. Апелирам до Вас, личните недоразбирања да не бидат причина за блокада на главниот град, а на штета на граѓаните на градот Скопје – вели Арсовска.
Таа предлага да се одржи вонредна седница на Советот на Град Скопје во среда, 4 септември, на која заеднички ќе биде донесена одлука за набавка на нови 250 еколошки автобуси и останатите одлуки неопходни за непречено функционирање на градот.