Фото: МНР

Уставните измени се неопходни за да се фати чекорот во овој исклучително важен историски момент и не смееме да ја пропуштиме шансата. Едвај успеавме од историските прашања и Историската комисија како столб на односите со Бугарија да се префрлиме на човекови права – таму каде што сме најсилни, а сега некој бара да го блокира тој пат за да се вратиме повторно на историската комисија, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

-Нема да имаме друга шанса и можност во наредните децении ако ја пропуштиме можноста како што направивме пред 20 години кога бевме во пакет со Хрватска и Словенија. Тогаш да добиевме препораки денеска ќе бевме членка на Европската Унија заедно со Словенија и Хрватска. Ако не прифатиме последиците ќе бидат сериозни и ќе се изолираме целосно, а тоа ќе се одрази на економијата и на животниот стандард. Луѓето ќе почнат масовно да ни бегаат од државата затоа што ќе нема перспектива. Албанија ќе почне да се движи, ние ќе останеме изолирани заедно со Босна и Херцеговина и Косово. Тоа ќе биде групата во која ќе биеме ние после ноември – рече Османи на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање.

Посочи дека по прес-конференцијата одржана по лидерска средба станало јасно дека веќе нема сериозна политичка партија која смета дека се проблематични уставните измени. Затоа, додаде, сметам дека суштинските причини за отпор кон уставните измени се веќе надминати и сега се останати политичките прашања и калкулации.

-Постигнавме консензус дека уставните измени не се проблем и дека опозицијата ги прифаќа. Констатираме дека се наоѓаме на крстопат и дека имаме историска шанса со уставните измени да ја фатиме брзата патека овозможена од геополитичкиот контекст во кој се наоѓаме. Прашањето на одложена примена на уставен амандман повеќе важи доколку има промени во нормативниот дел од Уставот во кој произлегуваат законски решенија, но кај овие уставни измени нема измена со која се продуцира закон, но има повеќе политика, симболика и пристап за да покажете дека сите граѓани од сите заедници независно од која бројност се, ги третирате исто. Ако прифатиме одложено дејство им укажуваме на земјите-членки дека Бугарите нема да ги третираме исто како Турците, Албанците, Србите, Власите се до членство во ЕУ. Затоа нема логика одложеното дејство на уставните амандмани. Наш прв пристап е да ја убедиме опозицијата да ги поддржи уставните измени – рече Османи.

Подвлече дека вчера Делегацијата на ЕУ ги прочита заклучоците на Советот во кои, како што рече, јасно се вели дека уставните измени треба да стапат на сила пред втората меѓувладина конференција.

Нагласи дека ако опозицијата ги поддржи уставните измени кои ќе стапат на сила до втората меѓувладина конференција ДУИ е подготвен истиот ден да ги напушти сите позиции во Владата, вклучувајќи ги и во техничката – пржинска влада и премиер 100 дена.

-За тоа имаме само еден услов – на денот кога ќе се усвои овој план да се почне со истрага на политичките партии, почнувајќи од лидерите, па до членовите на претседателствата и сите останати носители на јавни функции со присуство на експерти од меѓународната заедница кои цело време ќе го мониторираат процесот со цел да има непристрасност и објективност за да заврши партиската злоупотреба и обвинувањето на политичките партии по однос на криминогеност и корупција. Истрагата да важи за актуелните и поранешните функционери. Доколку и тоа пропадне имаме план „б“ кој треба да се реализира до крајот на годината – потенцира Османи.

Се договоривме, нагласи, дека уставните измени се во наш интерес зашто не оттргнуваат од другата траекторија – Историската комисија и сега заради его трипови и партиски калкулации треба да држиме во заложништво два милиони народ.

-Тоа не може, затоа вчера реков ако не бидат со него ќе бидат без него уставните измени, а за тоа има алтернативни планови. Само преговорите со ЕУ ќе не здробат во делот на злоупотреба на институциите во партиски цели. Се е пробано досега. Добра волја има, но нема сила за имплементација на законските решенија. Како најуспешен модел се покажало отворањето на поглавјата 23 и 24. Затоа инсистираме дајте да почнат преговорите и да се отворат поглавјата 23 и 24 после тоа не е важно кој е во Влада. Од Брисел ќе мониторираат и ќе контролираат – рече Османи.

Во одговор на прашање рече дека очекува многу тешкотии во спроведувањето на иницијативата на седумте министри за надворешни работи на ЕУ за промена на начинот на гласање во Унијата во делот на надворешната политика и прашањата од безбедноста.

-За да се смени начинот на гласање во ЕУ треба консензус. Тоа значи дека земјите-членки треба сами да се откажат од нивното право на глас и на вето за да овозможат квалификувано мнозинство. Очекувам дека ќе има многу тешкотии на тој пат – потенцира Османи.

Посочи дека процесот на интегрирање во ЕУ треба да биде двонасочен и додаде дека не може само да се реформира ЕУ, а Западен Балкан да биде оставен без предвидлива европска иднина зашто на тој начин се губи кредибилитетот и регионот.

-Во геополитиката нема ваакум. Ако не сте вие ќе биде некој друг. Затоа ја лансиравме и ја лобираме идејата – повеќе интегрирање пред самото членство што значи дека земјите кандидати за членство треба да станат дел од политиките, фондовите и инструментите на ЕУ како се движат низ процесот. Не е тоа алтернативен модел, членството останува како крајна цел, но наместо да се фокусираме на крајната цел бараме да станеме дел од политиките како што ги исполнуваме критериумите. Исполнуваме едно поглавје, седнуваме на маса со ЕУ и стануваме дел од ЕУ политиките – пристап до фондовите, пристап до инструментите само што немаме право на глас се уште. Значи стануваме дел од ЕУ пред да станеме дел од ЕУ. За овој модел имаме подготвено „нон пејпр“ и јас го лобирам кај моите колеги и кај ЕУ – рече Османи и додаде дека очекува во текот на летово да има исчекор во однос на оваа инцијатива.

Овој план, како што додаде, е покредибилен и пореалистичен во однос на имплементацијата отколку промената на начинот на гласање во ЕУ.