ФОТО: Маја Јаневска Илиева

Министерот за надворешни работи Бујар Османи како ризична за државата ја оцени изјавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека по завршувањето на парламентарните изборите и по евентуалната нивна победа ДУИ ќе оди во опозиција зашто, како што рече, спомнувањето на ДУИ е спомнување на мнозинската волја на Албанците.

Прашан за коментар на изјавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и дали стравуваат дека ќе одат во опозиција, Османи рече дека не е првпат да се бара ДУИ да оди во опозиција.

-Се сеќавам и на изјавите на Зоран Заев на митинзите кога велеше зошто ДУИ да не оди во опозиција и знаeме каков беше исходот понатаму. Овој начин на создавање на меѓуетничка омраза со цел потоа да се искористи во добивање на политички поени е премногу ризичен за една мултиетничка демократија како што сме ние. На ВМРО можам да им кажам дека додека е ДУИ и додека е Али Ахмети на Албанците нема да им фали ни влакно од глава. Сите такви закани се безвредни – рече Османи во одговор на прашање на денешниот брифинг во СЦ „Борис Трајковски“ каде ќе се одржува Годишната конференција на ОБСЕ.

На забелешката на новинарите дека се спомнува ДУИ, а не сите Албанци и зошто вели меѓуетнички тензии, Османи рече дека „токму ДУИ е мнозинската волја на Албанците“.

-Спомнувањето на ДУИ е спомнување на мнозинската волја на Албанците. ДУИ ги претставува Албанците и тие не се паднати од небо. Некој ги избрал да ги претставуваат Албанците. Мнозинската волја на Албанците е кај ДУИ и затоа овој обид за создавање на меѓуетничка омраза со цел потоа да се искористи емоцијата кај Македонците мислам дека е далекусежно ризично за државата – потенцира Османи.

За големоалбанските пораки искажани на вчерашниот фудбалски натпревар меѓу Шкупи и Вардар рече дека не ги чул и додаде дека е спротивна на законот и е казнива секоја изјава која предизвикува меѓуетничка омраза и нетолеранција.