Фото: МНР

Дваесет дена пред Годишниот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) во Скопје, се уште нема консензус меѓу нејзините учеснички за егзистенцијални прашања на Организацијата. Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, очекува тие одлуки за иднината на ОБСЕ да бидат донесени токму на конференцијата во Скопје од 29 ноември до 1 декември.

На брифинг во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде што се уредува просторот за конференцијата на која ќе учествуваат делегации од 76 земји, Османи истакна дека педесет години ОБСЕ е успешна платформа што обезбедува мир и има постигнато исклучителни успеси во одржување на мирот, но дека агресијата врз Украина предизвикала егзистенцијална криза на ОБСЕ зашто, рече, довербата на земјите учеснички e на историски ниско ниво.

-Одлуките што во ОБСЕ се носат само со консензус, не можат да се донесат, не само во делот на политиките, туку и во однос а основните функции на Организацијата. Првпат се соочуваме да нема претседавач за 2024 година, иако за 2025 веќе е утврден претседавачот – Финска. Исто така, на 4 декември истекува мандатот на четворицата извршни лидери на ОБСЕ, како и прашањето на буџетот кој не е одобрен од 2021 година. ОБСЕ не е само платформа на дијалог, туку има и 13 теренски операции кои се во конфликтни подрачја… Дваесет дена пред конференцијата се уште немаме консензус по основ на овие егзистенцијални прашања на ОБСЕ. Најверојатно одлуката за иднината на ОБСЕ ќе се донесе во Скопје, токму во оваа сала каде што министрите ќе бидат седнати овде. Ова ја надминува и самата Организација зашто не постои никаква комуникација и дијалог меѓу, сега, завојувани страни. Ова ќе биде можност да се седне на маса и Скопје да биде центар на светот, каде министрите на најголемите држави во светот имаат можност во текот на тие три дена, покрај учеството на самата конференција, и билатерално да се сретнат и да комуницираат за прашања што го засегаат регионот на ОБСЕ – рече шефот на дипломатијата.

До 29 ноември, додаде Османи, „ќе направиме се што е во наша моќ за да успееме да ги обезбедиме барем основните функции на Организацијата“.

Во однос на плановите за претседавањето со ОБСЕ во 2024, за што има поделеност меѓу земјите во Организацијата, Османи рече дека работат на неколку сценарија – првото е да биде Естонија како единствен кандидат. Бидејќи таа не е поддржана од една земја, тој разговарал со речиси сите министри за надворешни работи барајќи алтернативно решение.

-И уште работам на тоа. Се надевам дека ќе успееме во наредните денови да најдеме земја која може да добие консензус од сите 57 земји. Ако се исцрпи и таа варијанта, да не можеме да обезбедиме, тогаш Северна Македонија, и покрај сите потешкотии, нема да дозволи Организацијата да остане без претседавач. Меѓутоа, до последната минута до завршување на нашето претседавање, јас ќе работам да најдеме. Веќе сум на добар пат, но прерано е да кажувам имиња, треба дополнителни консултации со земји учеснички дали е опцијата прифатлива – рече Османи.

На прашање дали и „светлата за ОБСЕ може да се изгаснат токму во Скопје“, тој одговори дека теоретски постои таква можност иако не верува дека земјите тоа ќе го дозволат затоа што ОБСЕ е најголема регионална безбедносна организација со 1,3 милијарди луѓе кои живеат во тој регион. Иако поради војната во Украина, како што рече, ОБСЕ можеби не е во состојба да го покаже целосниот свој капацитет.

Покрај суштинското значење за иднината на ОБСЕ, конференцијата во Скопје ќе биде и најголем настан по димензии односно логистика. Организирањето на настанот е утврдено по протокол на ОБСЕ за што е подготвен и водич врз чија основа МНР година и пол го подготвува овој голем настан.

Ќе учествуваат делегации на 76 држави, од кои 57 земји членки на ОБСЕ и останатите се земји партнери на ОБСЕ од медитеранската група и од азиската група. Најголем дел од делегациите ќе бидат претставувани од министри за надворешни работи кои ќе имаат делегации со по 10 до 40 члена.

-Што значи дека очекуваме над 1000 луѓе кои во Скопје ќе дојдат некаде од 27-28 ноември се до 3-4 декември, кога ќе заврши целиот настан. Традиционално учествуваат над 100 светски новинарски агенции. Ги очекуваме МНР на најголемите држави во светот, од САД, Велика Британија, од сите земји членки на НАТО, ЕУ, од централна Азија, јужен Кавказ, Западен Балкан, па се до Русија.. Убедливо, ова ќе биде најголем настан во историјата на државата и најголем настан по Генералното собрание на ОН што се одржува во септември, истакна Османи.

Собирот ќе почне со неформална вечера на 29 ноември, а на 30 ноември е формалниот дел со обраќање на министрите. Ќе биде обезбеден и чартер-лет од Брисел за Скопје, зашто настанот се одржува еден ден по министерскиот состанок на НАТО, а некои делегации ќе дојдат со специјални авиони. За секоја делегација ќе биде обезбеден одреден тип возило според спецификација од водичот на ОБСЕ.

Обезбедено е и сместување на над илјади членови во делегациите во хотелите низ државава. Само во логистичко-протоколарниот дел ќе учествуваат над двесте луѓе, а 200 војници со помината обука ќе бидат возачи за спроведување на делегациите, ангажирани се и сите безбедносни служби.