Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, нема да се појави на денешното рочиште каде е тужен за клевета, објави „Макфакс“.
– Министерот Османи нема покана за на суд, денес се одржува рочиште на кое се поканети адвокатите. Што се однесува до самата тужба, таа е целосно неоснована. Министерот никогаш не дал изјава која може да се смета за навреда, клевета или која предизвикува штета. Целта очигледно не е правна разврска, туку јавна дискредитација. Веруваме дека во објективна постапка судот ќе ги увиди фактите, и соодветно, ќе ја отфрли тужбата како неоснована – велат од МНР.
Првото судско рочиште против Османи, по тужбата за навреда и клевета од страна на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП), треба да се одржи денеска во Основниот суд во Скопје.
Претседателот на ММДЧП Бил Николов и здружението на На 27 јануари годинава, поднесоа тужби за навреда и клевета против Османи и против порталот „360 Степени”. ММДЧП упати јавна покана до сите медиуми и сите заинтересирани Македонци, да присуствуваат и да известуваат од судењето по тужбата.
Османи лани во октомври за бугарската телевизија БТВ изјави дека треба да се види кој стои зад отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, при што го посочи ММДЧП како еден од финансиерите.