Шефот на дипломатијата Бујар Османи во видео обраќање до Македонците кои живеат во Албанија, им порача дека овој попис им овозможува слободно да ја изразат нивната етничка, јазична, и религиска припадност.
– Во врска со претстојниот попис на населението во Република Албанија би сакал да се обратам до вас Македонците кои живеат во Албанија. Како што ви е веќе познато, од 18 септември и следните шест недели, ќе се спроведува попис на населението, како најзначајна статистичка операција во земјата – рече Османи во уводот на обраќањето.
– Ви се обраќам затоа што сакам да бидете уверени дека овој попис овозможува слободно да ја изразите вашата етничка, и јазична, и религиска припадност. Со оваа демократска придобивка, Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество, нешто што исто како и кај нас, претставува непроценливо автентично културно наследство – истакна Осмни и додаде:
– Драги Македонци, препознавајќи ја вашата улога како лојални граѓани на Албанија, ве охрабрувам на претстојниот попис слободно да се изразите и да ја потврдите вашата етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност, која претставува основно природно право на секој поединец, и со генерации наназад опстојува на овие простори – порача Османи.
– Деновиве сме свесни на различни пропаганди коишто апелираат на вашата одлука, не водејќи сметка за вашите чувства. Не треба ништо од тоа да ве загрижува. Албанија е слободна земја каде секој може слободно да го изрази и негува својот идентитет, без да се грижи за било какви последици од тоа. Со тоа вие и дополнително ќе ја потврдите вашата незаменлива улога, во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави – додаде Османи.
Тој рече дека Македонија и Албанија се повеќе од соседи, земји со исклучително пријателски односи, и ние ќе останеме во интензивна комуникација со вас исто, како и со институциите на Република Албанија, меѓу другото и за прашања коишто ве засегаат вас Македонците.
Продолжуваме активно да се ангажираме за заштита и промовирање на овие права, на ист начин како што тоа го правевме и до сега – заврши Османи.