Продлабочувањето на рецесивните текови во Германија може негативно да влијае врз македонскиот извоз, односно да придонесе кон намалување на економските активности на извозно ориентираните компании во земјава, кои се мотор на економијата

Веќе не е прашање дали, туку колку германската рецесија ќе влијае врз македонското стопанство

Германија ќе западне во продолжена рецесија оваа година и ќе биде единствената голема европска економија што ќе доживее економски пад во 2023 година, покажуваат прогнози на Европската комисија.
Според комисијата, најголемата европска економија ќе забележи пад на економската активност за 0,4 отсто оваа година, што е за 0,6 процентни поени помалку од процената направена во мај. Институцијата, исто така, ги намали своите очекувања за растот на Германија во 2024 година – од 1,4 отсто на 1,1 отсто.

Како што расте кризата во Германија, пропорционално расте и економската опасност за Македонија

Со децении Германија беше економскиот мотор на Европа, која со својата отпорност го влечеше целиот регион од многу кризи. Наедно таа е и најголем трговски партнер на Македонија, сето ова укажува дека расте опасноста германската рецесија да влијае на забавувањето на економијата на Македонија, но и на целиот регион.
Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски, вели дека неповолните перформанси на германската економија може да се прелеат и во домашната економија, најмногу на побарувачката за македонски производи што се извезуваат таму. Дополнително таа криза може да влијае и на финансиските текови бидејќи Германија е наш клучен трговски партнер.
– Ефектите од слабеењето на германската економија сигурно ќе се одразат врз нашата економија, првиот канал е преку надворешнотрговската размена, со оглед дека околу 50 отсто од вкупниот извоз е насочен кон Германија и речиси целосно зависен од автомобилската индустрија. Сметам дека ќе влијае и на инвестициите, сепак Германија еден од најголемите инвеститори во Македонија. Исто така, моја претпоставка е дека може да се одрази и врз дознаките, но тоа може само да го потврдиме во иднина – посочува Ангелоски.

Превенирање на домашните економски кризи со отворање други извозни пазари

Тој смета дека како една од мерките со која може да се превенира за да не одразат кризите на ЕУ врз економската состојба на нашата земја е да не се потпираме само на еден пазар, а тоа е пазарот на ЕУ, туку да го прошириме портфолиото и да излеземе на други пазари во светот.
– Примарни пазари за македонските извозни компании се пазарите во ЕУ, што поради секоја криза се покажа како доста ранлив сегмент. За мала економија како нашата извозот е еден од начините за влез на поголем капитал и поради тоа, покрај зголемување на бројот на компании и продукти што би се извезувале, неопходно е да се бараат и нови пазари за пласман – посочува Ангелоски.
Како што додава тој, потребни ни се промоција и брендирање на нашите македонски производи, со што ќе ја зголемиме конкурентноста на македонските производи.
Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, продлабочувањето на рецесивните текови во Германија може негативно да влијае врз македонскиот извоз, односно да придонесе кон намалување на економските активности на извозно ориентираните компании во земјава, кои се мотор на економијата.
– Намалената побарувачка во Германија ќе се одрази на помалите компании, кои практично се втора рака во процесот на производство, односно немаат директни контакти со одреден бренд. Ако кризата потрае, кај нив ќе се намали желбата за купување и тоа автоматски ќе ја намали побарувачката. Сето тоа кај нас ќе значи дополнително скратување на капацитетите – вели Димитров.

Стопанската комора: Царински и д аночни олеснувања што ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на македонскиот извоз

И министерот за финансии Фатмир Бесими неодамна спомена дека ако нашиот најголем трговски партнер Германија е во рецесија, секако дека тоа ќе се почувствува и во земјава.
– Импакт ќе има и во нашата економија, кој ќе се манифестира преку забавен економски раст. Но на актуелните економски состојби нема да влијае само рецесијата на најголемата економија во ЕУ, туку и војната во Украина – нагласува Бесими.
Од Стопанската комора на С. Македонија велат дека мерки што би им помогнале на извозно ориентираните компании се царински и даночни олеснувања што ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на македонскиот извоз, како и со поддршка на инвестиции во приватниот сектор што се потпираат на домашни ресурси, а чии финални производи се наменети за странските пазари.
– За отворање алтернативни пазари, од големо значење се дипломатските активности на државата за проширување на мрежата на договори за слободна трговија, особено со земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, кои на македонските компании ќе им овозможат да ги користат поволностите на дијагоналната кумулација, но и забрзувањето на процесот на усвојување на ревидираните правила за потекло на стоките, кои носат повеќе поволности за македонските извозници – посочуваат од СКСМ.
Трговската размена меѓу двете земји во 2022 година достигна рекордно високо ниво од 4,8 милијарди евра, но веќе во четвртиот квартал од 2022 година почнаа да се појавуваат знаци на забавување.
Неповолната економска клима во Германија се одрази на работата на македонските транспортни компании. Од почетокот на 2023 година е забележан пад на обемот на превезени стоки со патен, железнички и воздушен транспорт.