Фото: Маја Јаневска-Илиева

Мислењата се поделени во однос на тоа која е вистинската основна сила на глобалната економија. Прашањето што сѐ уште не е одговорено е дали може да потрае одржлив период на економски раст под високи каматни стапки, без целокупната економија да биде тешко оштетена

Глобалните централни банки сѐ уште обединети за инструментот „високи каматни стапки во борбата против инфлацијата“

И покрај постепеното намалување, инфлацијата во повеќето големи економии останува далеку над целното ниво од 2 отсто, за кое централните банкари сметаат дека е во ред. Во август инфлацијата изнесуваше 3,7 отсто во САД, а 5,2 отсто во еврозоната.
Интересно е дека инвеститорите се сомневаат дека централните банки ќе останат на истата линија и истиот став, за натамошно зголемување на каматите, со оглед на фактот дека западната економија стагнира, а се зголемува силата на кинеската економија. Особено што рекордите на каматните стапки на централните банки индицираат натамошно тектонско рушење на економиите на помалите држави во развој.

Реални ли се очекувањата на бизнис-секторот за намалување на каматните стапки

„До ова време следната година очекуваме дека од 21 од 30 најголеми централни банки во светот ќе ги намалат каматните стапки“, напиша „Капитал економикс“ во коментарот насловен „Пресвртна точка за глобалната монетарна политика“.
Тоа е потенцијален пресврт што ги потресе пазарите. Светските акции паднаа, а доларот порасна во четвртокот, бидејќи приносите на државните трезори се зголемија на нивоата што последен пат беа забележани пред големата финансиска криза. Фунтата и швајцарскиот франк паднаа.
Сето ова укажува дека глобалните каматни стапки се мошне блиску до врвот, што ќе биде огромно олеснување за економиите во развој што страдаат од големи оптоварувања за сервисирање на долгот.
Со оглед на тоа што САД и Европа ја избегнуваат директната рецесија што некогаш беше предвидена, примамливиот поглед на „меко приземјување“ за глобалната економија се враќа на повидок, најмногу благодарение на невообичаено раздвижените пазари на трудот.
Креаторите на политиката признаваат дека допрва треба да се договорат за објаснување за ова. Некои сугерираат дека фирмите се желни да избегнат повторување на недостигот од вештини, поради што претрпеа многу кога глобалната економија зеде замав во 2021 година по карантинот поради ковид-19, а исто така и „натрупувањето на работната сила“.
Таа нерешена загатка значи дека мислењата се поделени во однос на тоа која е вистинската основна сила на глобалната економија и дали може да потрае одржлив период на високи каматни стапки без целокупната побарувачка да биде тешко оштетена.
Некои тврдат дека тоа е причината зошто тие откриле, низ сите тешки разговори, необврзувачки тон во зборовите на Федералните резерви за веројатноста од дополнително зголемување на каматната стапка оваа година.
– Претседателот на ФЕД на САД, Џером Пауел, не се обврза, па дури беше по малку неодлучен за уште едно покачување во 2023 година, што е вистинската одлука овде и сега. Ова е ФЕД, кој гледа отвор за меко слетување и ќе се обиде да не го упропасти – рече заменик-претседателот на „Еверкор ИСИ“, Кришна Гуха.

Централните банки на најголемите светски економии известија дека ќе ги задржат каматните стапки колку што е потребно за да се скроти инфлацијата

Централните банки на најголемите светски економии известија дека ќе ги задржат каматните стапки колку што е потребно за да се скроти инфлацијата, дури и кога двегодишното невидено затегнување на глобалната политика го достигнува својот врв.
Таканаречената мантра „повисоко за подолго“ сега е официјален став на Федералните резерви на САД, Европската централна банка и на Банката на Англија, а исто така како мантра е прифатена и од креаторите на монетарната политика од Осло до Тајпеј.
За централните банкари, за кои важи забелешката дека прво беа казнети затоа што доцнеле да го забележат порастот на инфлацијата по пандемијата, а потоа беа предупредени поради претерана реакција, сега, наводно, според некои економски аналитичари, доаѓа наградата. Имено, тие (оптимистички) тврдат дека „враќањето на глобалната економија на стабилни цени без рецесија сега е на повидок“.
Нивната задача е да ги убедат финансиските пазари да не ја поништуваат својата работа со облози за предвремено намалување на каматните стапки и да внимаваат на новите ризици како што е зголемувањето на цените на нафтата – додека се надеваат дека владите ќе помогнат со буџетите што не ја поттикнуваат дополнително инфлацијата.
– Ќе треба да ги задржиме каматните стапки доволно високи доволно долго за да се осигуриме дека ќе ја завршиме работата – рече гувернерот на Банката на Англија, Ендрју Бејли, во четвртокот, откако креаторите на политиката тесно одлучија да ја задржат нејзината главна каматна стапка на 5,25 отсто.
Слична порака во средата имаа и креаторите на политиката на Федералните резерви на САД. Тие ја држеа референтната стапка на ФЕД на 5,25 отсто -5,50 отсто, но нагласија дека ќе останат цврсти во борбата против инфлацијата за која сега гледаат дека ќе трае до 2026 година.

Не може да се отфрлат натамошни зголемувања на каматите за еврозоната

Во Европа, претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, минатата недела беше категорична дека не може да се отфрлат натамошни зголемувања на каматите за еврозоната од 20 земји. Централните банки на Норвешка и на Шведска и во четвртокот сигнализираа дека би можеле повторно да се зголемат, при што дури и швајцарската народна банка ја задржува можноста за понатамошни зголемувања на каматните стапки и покрај инфлацијата од удобни 1,6 отсто.
Централната банка на Турција го потврди својот остар пресврт додека во Азија, централната банка на Тајван ја означи континуираната строга политика. Јужноафриканската резервна банка ја одржа својата основна стапка стабилна, но креаторите на политиката наведоа континуирани ризици за изгледите за инфлација.
Значајни позиции се Банката на Јапонија, за која се очекуваше да се држи до негативните стапки на состанокот што заврши во петокот, и Народната банка на Кина, каде што неодамнешните подобри економски изгледи ѝ дозволија да ги задржи стапките на чекање. E.Р.