Илустрација / Фото: Нова Mакедонија

Подготовките за претседателските, но и за парламентарните избори се интензивни од страна на учесниците на изборите, но и од страна на Државната изборна комисија (ДИК). На 18 март завршува увидот во Избирачкиот список и за претседателските и за парламентарните избори, а тогаш завршува и рокот за гласање во дијаспората. Листите на кандидати за претседател на Република Македонија, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до ДИК најдоцна на 19 март, до 24 часот.

За МИА од ДИК информираат дека дека заклучно со 11 март, вкупно 3.994 лица направиле проверка во Избирачкиот список во подрачните единици и канцеларии, шест лица барале промена на податоците, девет лица барале запишување на своите податоци во Избирачкиот список, а пет бришење.

Проверката граѓаните ја прават и електронски преку веб страната на ДИК и исто така можат да поднесат и барања. Па, така до 11 март 21 лице поднело барање за промена на податоци по електронски пат, од кои три лица побарале бришење на податоците, а седум за запишување во Избирачкиот список.

Според информациите од Апликација на Државната изборна комсија за регистрација на гласачи од дијаспора (sec.mk) утрово таа бројка изнесува 1.010 пријавени, од кои прифатени се 617, необработени 278 и одбиени 115.

Потребните потписи за претседател ги собраа актуелниот претседател Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција Вреди, кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија и Билјана Ванковска Цветковска од Левица.