Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, присуствува на 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржува во Ријад, Кралство Саудиска Арабија, на која вчера беше соопштена одлуката на Комитетот дека Охридскиот регион, со својата исклучителна универзална вредност, останува на листата на светско наследство.
Како што информираат од Министерството за култура, во македонската делегација во Ријад се и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски, како и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Зоран Павлов.
Костадиновска-Стојчевска, вчера во своето обраќање за време на сесијата на Комитетот искажала благодарност што Комитетот ги уважил заедничките напори на Република Северна Македонија и Република Албанија, со која ги споделуваме природните убавини на овој уникатен регион, но еднакво и одговорноста за Охридското Езеро и богатото културно наследство за зачувување на престижниот статус на светско наследство.
-УНЕСКО е драгоцен пријател и на Охридскиот регион. А во времето што доаѓа, секое пријателство е како бисер. Таков каков што е нашиот Охридски регион – нагласила Костадиновска-Стојчевска, ифнормираат од Министерството за култура.
Министерката истакнала и дека експертски тимови на двете држави го изготвиле Стратегискиот план, за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.
-Важноста на Охридскиот регион е немерлива и трајна. Затоа, наша должност е да не го загрозуваме нашиот Охридски регион, Регионот кој светот го препозна и ја верификува неговата уникатност, едно од 39-те мешовити добра во целиот свет, односно 43-те прекугранични добра. Ја споделуваме загриженоста за климатските промени во светот како сериозна закана и врз нашето природно и културно наследство. Апокалиптичните слики од пожарите и поплавите мора да ги толкуваме како последна опомена за човековата негрижа кон својот единствен дом – оваа планета – истакна Костадиновска-Стојчевска на 45. сесија на Комитетот во Ријад.