Фото: Маја Јаневска-Илиева

Судењето против медицинската сестра од Клиниката за онкологија која е обвинета за проневера во службата со сомнение дека крадела цитостатици е одложено за 4 декември, информираат од Основен Кривичен суд Скопје.

– Главната расправа за предметот со К.бр. 1990/23 против А.О. за кривичното дело Проневера во службата од чл. 354 ст.1 од КЗ, а поврзано со работењето во Универзитетската клиника за радиологија и онкологија Скопје, се одложи – стои во соопштението од Кривичен суд.

Причина за одлагањето, како што констатира Судот, е тоа што јавниот обвинител не примил уредна покана заради штрајк на јавнообвинителската служба, како и отсуство на обвинетата за која не е вратена достава за прием.

– Присутен на расправата беше адвокат на обвинетата, ангажиран од семејството, со уредно полномошно – дополнуваат од Кривичен.

Според обвинението, обвинетата, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, присвоила поголем број ампули со различна намена во вкупна вредност од 59.760 денари кои ѝ биле доверени во службата. Ампулите ги изнесувала од работното место, а потоа ги оставала во автомобил со намера да ги предаде на друго лице.