Фото: МИА

Вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) од утре ќе штајкуваат заради најавеното намалување на платите, најави денеска претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов. Тој, во интервју за Радио Слободна Европа, информираше дека одлуката за штрајк е веќе донесена.

Според најавите, од утре на шалтерите само ќе се прима документација, и нема да има исплати на капитацијата за матичните лекари, за лековите за аптеки, за плати во јавно здравство…

-Штрајкот е непопуларна мерка кон која прибегнуваат работниците и синдикатите само во ситуација во која немаат излез, кога ќе бидат ставени до ѕид. Се разбира дека егзистенцијата на работниците е најважна и работниците не можат да работат со намалување на платите за 21 отсто и решени се да штрајкуваат. Жално е тоа што сите ние ќе трпиме поради ваквиот однос на функционерите, на мала врата да го спроведат ова намалување на платите и пак вината да ја префрлаат на синдикатите – изјави Трендафилов.

Според него, вината за намалувањето на платите и одлуката за штрајк поради тоа, не е кај работниците, туку кај креаторите на политики. Трендафилов додава дека очекува „разумни луѓе во Управниот одбор да донесат разумна одлука и да не го дозволат тоа и да не го блокираат функционирањето на ФЗО“.

Синдикатите и претходно најавија дека доколку Управниот одбор на ФЗО одлучи да им ги намали платите на вработените за 21 отсто, ќе биде организиран штрајк.