Основното јавно обвинителство Струга поднесе обвинителен акт против шест лица за кривичното дело „Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ од член 264 од Кривичниот законик.
Според ОЈО Струга, првообвинетиот, управител на градежна фирма од Велешта, како инвеститор и изведувач на работите за уривање на објект во непосредна близина на заштитената стара струшка куќа на Владо Малески, бил должен да изготви идеен проект со точно утврден начин на уривање.
Наместо тоа, обвинетиот изготвил само основен проект, без да биде утврден начинот на уривање на стариот објект. По неговото уривање, започнал изградба на нов објект со подрум, приземје и кат.
При ископот за подрумските простории, според обвинението, со багер бил извршен широк ископ со кој бил поткопан заедничкиот преграден ѕид меѓу двата објекти. Тоа довело до дестабилизација и уривање на заштитената куќа, која претставува културно наследство.
Обвинителниот акт опфаќа и градежен инженер и архитект од Секторот за урбанизам при Општина Струга. Тие се обвинети дека го изготвиле и одобриле одобрението за градење без да биде приложен идеен проект за уривање на претходниот објект, со што, според обвинението, му помогнале на првообвинетиот.
Обвинет е и тогашниот градоначалник на Општина Струга, кој го донел одобрението со кое му било дозволено на инвеститорот, покрај приземје и кат, да изгради и подрум, иако тоа било спротивно на решението на Управата за заштита на културното наследство.
За помагање на првообвинетиот е обвинета и архитектка-конзерватор во Заводот за заштита на културното наследство и музеј – Охрид. Таа, според ОЈО, изготвила мислење без забелешки за усогласеноста на проектот со насоките на Управата и ја заверила техничката документација во која, спротивно на решението, била предвидена и изградба на подрумски простории.
Со дејствијата на обвинетите, на 15 октомври 2025 година, на улицата „Браќа Миладиновци“ во Струга била оштетена старата струшка куќа на Владо Малески, прогласена за значајно културно наследство.
































