Фото: МИА

Новиот АТМ систем е ставен во функција во М-НАВ, со што се создаваат услови за повисоко ниво на безбедност, сигурност и ефикасност во управувањето со воздушниот сообраќај, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при посетата на М-НАВ и контролната кула во Скопје.

Значењето на модернизацијата е уште поголемо поради растот на воздушниот сообраќај. Во првите шест месеци од годинава низ македонскиот воздушен простор прелетале околу 173.000 воздухоплови, што е зголемување од 12,2 отсто во однос на истиот период лани. Растот во споредба со 2024 година изнесува 23 отсто, а во однос на 2023 година – 27 отсто.

Само во јули, според Николоски, биле регистрирани околу 42.000 прелети над македонското небо.

 – АТМ системот е технолошко решение кое директно ќе придонесе за повисоко ниво на безбедност, сигурност и ефикасност во управувањето со воздушниот сообраќај. Со неговото воведување во употреба, М-НАВ добива комплетно ново решение – изјави Николоски.

Тој потсети дека постапката за набавка на системот започнала во 2014 година, а договорот со италијанската компанија „Леонардо“ бил склучен во 2018 година. Според него, до 2024 година немало активности за реализација на договорот, додека со новото раководство на М-НАВ започнала интензивна работа на неговото инсталирање и ставање во функција.

Николоски информираше и дека во 2025 година бил поставен нов радарски систем на контролната кула во Скопје, кој во моментов е во завршна фаза на тестирање.

 – Во текот на септември или октомври месец ќе биде целосно ставен во функција, со што македонското небо ќе има највисок систем на контрола и највисок систем на безбедност – рече Николоски.

Според директорот на М-НАВ, Владимир Ристевски, новиот АТМ систем е еден од најзначајните чекори во модернизацијата на македонската контрола на летање. Системот треба да обезбеди поголема сигурност, зголемен капацитет и поефикасно управување со воздушниот сообраќај.

 – Со новиот АТМ систем пред сè ја стабилизираме М-НАВ како давател на услуги во воздухопловната навигација и обезбедуваме повисоко ниво на сигурност и континуитет во давањето на услугите – посочи Ристевски.

Тој нагласи дека една од главните придобивки е намалувањето на оперативното оптоварување на контролорите на летање преку поголема автоматизација и современи алатки за обработка и презентација на податоците.

На тој начин, контролорите ќе можат поефикасно и побезбедно да управуваат со зголемениот број воздушни операции, што треба да придонесе и за зголемување на капацитетот на македонскиот воздушен простор.

Од М-НАВ најавуваат дека до крајот на септември се очекува во употреба да биде ставен и новиот радар на контролната кула на Меѓународниот аеродром Скопје.