Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во изјава за телевизија „Сител“ беше запрашан за конкретни бројки, за тоа колку граѓани се фотографирани, а не ги подигнале личните документи.
– Околу 48.000 пасоши на ниво на државата не се одобрени, луѓето се сликале, а не се ставени на печатење, со тоа го пробиваме законскиот рок. На ниво на лични карти, бројката е 33.000 на ниво на државата, а на ниво на Скопје – 44.000 пасоши и 30.000 лични карти. Со ова се потврдува уште еднаш тезата дека внатрешноста е скоро завршена, граѓаните ги имаат заменето своите лични документи, остана само Град Скопје – информираше Бојмацалиев.
Притоа, тој оддаде признание на вработените во управните служби и уште еднаш потенцираше дека нема никаква саботажа во процесот на промена на личните документи на граѓаните.
– Морам да признаам дека колегите внатре работат макотрпно, но мора да се внимава целиот процес да функционира нормално. Нема друг проблем, само треба подобро менаџирање, кое порано го имаше – рече Бојмацалиев.