Нема ништо спорно во набавката на хеликоптерите, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во емисијата „10 минути“ на „ТВ 21“, коментирајќи го отворањето на предмет од страна на Државната комисија за спречување на корупција за оваа набавка.
– Ја поздравувам одлуката на ДКСК која што во рамките на своите надлежност има право и обврска секогаш кога постојат одредени сомнежи во јавноста, таа во делокруг на својата надлежност да ги расчисти. Од причина што нема ништо спорно во оваа постапка која што е спроведена согласно закон и законските постапки го поздравувам ваквиот чин на ДКСК и јавно кажувам дека стојам на располагање и јас како министерка, и Министерството за одбрана сите документи кои што ќе им помогнат во дефинирање на вистината да ги доставиме и да сме достапни – беше децидна министерката.
Петровска детално го објасни процесот кој претходеше на одлуката за набавка на хеликоптерите, потребата од овие хеликоптери и законската основа за оваа набавка.
– Ова е постапка која е започната многу одамна, односно пред неколку години и тоа е согласно Законот за набавки од областа на одбраната и безбедноста каде што се предвидува инструмент за склучување на договори Влада-со-Влада – потенцира министерката.
Таа додаде дека за сите набавки потребно е финансиските средства да бидат планирани, особено имајќи предвид дека во голем дел од набавките кои се однесуваат на склучување на договори Влада-со-Влада, станува збор за големи суми на финансиски средства, поради што се склучуваат повеќегодишни набавки. Во 2024 година, оваа година, рече министерката, оваа набавка е предвидена.
Модернизацијата на Армијата, истакна таа, се одвива согласно Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, кој е претставен во Собранието, односно Комисијата за одбрана и безбедност. Токму во овој план е предвидено набавката на хеликоптери да започне во 2024 година.
– Ние пред неколку години сме предвиделе дека во 2024 година во буџетот ќе имаме ослободени средства кои ќе можеме да ги намениме за оваа намена имајќи предвид дека неколку години во тек се крупни набавки за кои исто така одобруваме национални средства – рече Петровска и додаде дека договорот се склучува во март затоа што на тоа претходеше комплетната процедура на Интегрираниот проектен тим составен од експерти во одбраната и во Армијата и повеќе состаноци на Управната група во Министерството за одбрана.
За изборот на компанијата, министерката рече дека тоа е задача на Интегрираниот проектен тим и дека членовите на тимот не ги разгледуваат само перформансите, туку и одржувањето, тренингот и слично.
– Сите овие елементи го прават целосниот пакет, согласно перформансите и методологијата на проценка на понудите – најповолен – рече Петровска.