Фото: Архива/Маја Јаневска-Илиева

Возачите да не поаѓаат на пат без задолжителната зимска опрема – зимски гуми и ланци, а брзината да биде прилагодена на моменталната ситуација на патот.
Ова денеска е главната порака од Центарот за ушравување со кризи (ЦУК) АМСМ и од Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта, по снежните врнежи поради кои беа блокирани неколку од главните планински превои и дел од магистралните патишта на повисоките места.

Денеска попладне за сообраќај беше затворен превојот Стража, како и дел од патот Гостивар кон Кичево. Отежнато движење имаше и на превоите Пресека и Плетвар, а на најголемиот дел од планинските превои се уште е забрането за товарни возила.

Снежните врнежи кои почнаа денеска се очекува да продолжат и утре, предупредуваат метеоролозите, и додаваат дека снег се очекува и на пониските места низ државата.

Од ЦУК вечерва известуваа за неколку блокади на магистрални и регионални правци и побараа од возачите, доколку се во можност, да ги избегнуваат високите планински превои, и задолжително да носат зимска опрема за своите возила.