Повеќе од 115.000 граѓани во Македонија се невработени, од кои над 20.000 се млади до 25 години, поради што е потребно Владата да направи план за нивна преквалификација и да им обезбеди подобри услови за вработување, наместо да предлага увоз на работна сила од странство, која ќе биде многу поскапа, без потребните знаења и вештини и ќе влијае битно за намалување на цената на пазарот на трудот.
Демократскиот сојуз смета дека увозот на работна сила од странство може да има долгорочни негативни ефекти врз демографската структура на земјата, да создаде безбедносни, меѓурелигиски и други проблеми. Јазичните и културните бариери, заедно со потенцијалот за дискриминација и идеолошки несогласувања можат да создадат тензии и социјални проблеми кои би можеле да влијаат на целокупната стабилност на земјата.
Наместо увоз на работна сила, од суштинско значење е Владата да инвестира во креирање политики кои ќе ги решаваат основните причини за иселувањето од Македонија и ќе создадат поволна средина за младите и невработените да останат и да работат во земјата.
Предлагаме да се вклучи алармот, Владата и Парламентот да отворат посериозна расправа и да се предложат конкретни чекори.
Демократскиот сојуз ги предлага следните мерки: Да се обезбеди обука за работа, доквалификација и преквалификација. Во соработка со приватниот сектор и образовните институции, Владата да обезбеди програма во сите општини во Македонија за да им помогне на граѓаните да стекнат вештини што им се потребни за да обезбедат работно место и да се пополнат местата што се дефицитарни – во угостителството, туризмот, градежништвото, транспортот, услужните дејности, како и за да се подобри потенцијалот на младите за заработка и извршување на подобро платени професии.
Да се поттикне претприемаштвото и да се поддржат малите бизниси, преку пристап до финансирање и ресурси за отворање мали компании, неповратни грантови и едукација за отворање нов бизнис, директна помош и деловни совети за започнување и водење бизнис, даночни стимулации и сл.
Да им се овозможи на дипломираните студенти по завршување на високото образование да имаат право на стажирање од една година во струката, во приватна или државна компанија, со надомест кој ќе биде покриен од буџетот на државата.
Да се подготви Стратегија за вработување и поддршка на младите преку создавање посебен фонд во кој ќе се слеваат два проценти од буџетот на државата и кој ќе служи за создавање услови за вработување, ќе обезбедува стипендии за спортисти, млади уметници, бескаматни кредити за стан или куќа. Да се охрабрат компаниите да вработуваат млади, преку пауза за плаќање придонеси на товар на буџетот.
Демократскиот сојуз потсетува дека е потребна силна борба против корупцијата и криминалот и зајакнување на институциите на правната држава.