Фото: „Нова Македонија“

Голем број неажурирани подзаконски акти, недоволна имплементација, нефункционални работни тела, ова се само дел од истакнатите проблеми на денешната отворена дискусија на тема Законот за високо образование, искуства од примената и потреба од промени, во организација на Независниот академски синдикат (НАкС) во Кинотека во Скопје.

Неда Здравева која е редовна професорка на Правен факултет Јусинијан Први истакна дека се забележани бројни проблеми кои покажале слабости во Законот за високо образование и во неговата имплементација.

-Законски текст можеби и не е многу спорен, но она што досега се случуваше во неговата имплементација покажа дека има недостатоци кои може и треба да се надминат особено ова се однесуваше на воспоставувањето на системите за обезбедување на контрола на квалитетот во високото образование, практично создавањето или формирањето на националните органи и тела како Националниот совет за високото образование и Агенцијата за обезбедување на квалитетот тоа е надминато, но не сме сигурни колку нивната подзаконска рамка која тие ја создаваат е воспоставена. Втората клучна работа, а која досега не е реализирана е прашањето на креирањето на концептот на финансирањето на високото образование, особено финансирањето на јавните високо образовни установи и кои се финансираат од буџетот на државата – изјави Здравева.

Додаде дека законот подразбира дека помеѓу другото ќе бидат донесени мерила, стандарди како тоа финансирање треба да се обезбедува, но алармира дека во тој дел на законот се уште нема некое значајно поместување.

Оцени дека ова се можеби и клучните прашања кои го дефинираат прашањето на квалитетот на високото образование.

-Високото образование во нашата држава сериозно заостанува во делот на надоместоците за плати за кадарот, многу сериозно заостанува зад она што постои во непосредното опкружување, да ги земеме за пример Србија, Косово, Црна Гора, каде просечните плати се барем двојно поголеми – појасни таа.

Според Елена Џукеска претседателка на Независниот академски синдикат самиот закон дава слобода да се креира, но проблемот е во работните тела кои потфрлаат во нивната функционалност.

-Она што се забележа е дека премногу се доцнеше со формирањето на телата кои практично се најважни за спроведување на законот. Еден куп акти, подзаконски акти се уште не се ажурирани некои гледам дека дури сега се ажурираат оваа година, а во изминатиот период се применувале акти поврзани со стариот закон со некоја верзија од 2010 година сето тоа е недозволиво да продолжи во иднина. Ако сакаме да се менуваат работите на подобро во високото образование за што секако дека има потреба – појасни Џукеска.

Истакна дека законот овозможува слобода да се креира, но дека тоа треба да го овозможат работните тела, за кои како што рече таа потфрлаат во нивната функционалност.

-За високото образование задоцнетата функционалност на овие тела е катастрофална и прашање е дали и во овој момент се уште функционираат со својот полн капацитет. Законот дава слобода да се менува да речам да се креира во високото образование меѓутоа тие тела треба да овозможат имплементација, особено е катастрофално тоа што Националниот совет се уште го нема донесено тој акт за финансирање, тие препораки што треба да ги донесе или тие дополнителни да речеме упатства за како да се формулираат критериумите за избор на звања и други еве дури сега се работи на ажурирање на тоа со недоволна вклученост на академската заедница, се оди премногу бавно, а светот многу брзо оди напред – порача Џукеска.

Дискусијата има за цел да ги идентификува искуствата од спроведувањето на Законот за високото образование (ЗВО) во сите негови аспекти, од гарантирањето на автономијата и начинот на нејзината реализација до одговорноста на високообразовните установи за спроведување на законот, и секако, идентификување на неговите слабости.