Ива Михајлова од Кочани, за која е во сила судска забрана, нема евидентиран излез од територијата на Македонија, соопшти Министерството за внатрешни работи по извршените проверки во системот за гранична контрола.
Од МВР информираат дека проверки биле направени и преку Заедничкиот контакт-центар со Бугарија, при што и бугарската гранична полиција потврдила дека за Михајлова нема евидентиран легален влез на бугарска територија.
-Преку Заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија, извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија – соопштија од МВР.
Според податоците од граничните евиденции, Михајлова последен пат влегла во Бугарија во септември 2025 година, додека во октомври истата година е регистриран нејзиниот излез од Бугарија, односно влез во Македонија.
Михајлова, која има и бугарско државјанство, е обвинета во судска постапка во Македонија во врска со сообраќајна несреќа со смртни последици.
Информацијата на МВР следува откако бугарски медиуми објавија дека Михајлова ја напуштила Македонија и се наоѓа во Бугарија. Според официјалните податоци што ги соопшти македонското МВР и информациите добиени од бугарската гранична полиција, нема евиденција за нејзино легално преминување на границата во наведените околности.


































