Фото: Архива

По силниот земјотрес во југоисточниот дел на Турција, Министерството за надворешни работи, стапи во контакт со македонската амбасада во Анкара и Генералниот Конзулат во Истанбул, кои се во постојана комуникација со надлежните институции на Турција, информираа од Министерството.

– Нашите ДКП-а во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС телефонот на МНР во Скопје – соопшти МНР.

Претседателот Стево Пендаровски изразува сочувство до турскиот претседател и турскиот народ по силниот земјотрес во Турција.

– Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите, претседателот Реџеп Таип Ердоган и турскиот народ во овие тешки мигови по страшниот земјотрес што ја погоди Туркије. На повредените им посакувам брзо закрепнување – напиша Пендаровски на својот фејсбук профил.

Mинистерката за одбрана Славјанка Петровска порача дека АРМ е подготвена да даде секаква поддршка на турскиот народ.

– Изразувам длабоко сочувство до турскиот народ и нашите сојузници од Турција, но и подготвеност за помош во овие тешки моменти за нашите пријатели. Македонската Армија е подготвена да даде секаква поддршка за да помогнеме во напорите со справување со последиците од оваа страшна катастрофа и спасување на колку може повеќе човечки животи – напиша Петровска на нејзиниот фејсбук-профил, додавајќи дека нашиот народ знае што значи солидарност и подадена рака во тешки моменти кога ни е најпотребна.

Земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтер рано утринава ја погоди јужна Турција. Официјалниот број на загинати, според последните информации, низ Турција и Сирија сега е повеќе од 300, а речиси 2.000 се повредени. Во тек е голема спасувачка операција.

Црвениот крст на Македонија изразува длабоко жалење и искрено сочувство до народот во Турција и Сирија за жртвите од страотниот земјотрес, во комуникација со Турската Црвена полумесечина и Сириска Арапска Црвена полумесечина, веднаш им беше понудена првична помош.

Сите заинтересирани правни субјекти и граѓани можат да донираат парична помош на:

– Сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за населението во Турција и Сирија.

– како и да се донираат 100 денари со повик на телефонските броеви 143 400 на Македонски Телеком и А1.

– За донации на средства во странска валута:

NAME OF THE ORGANIZATION: RED CROSS OF THE REPUBLIC OF NORTH MACEDONIAN

BANK NAME: KOMERCIJALNA BANKA AD SKOPJE

BANK ADDRESS: UL. ORCE NIKOLOV NO.3, 1000 SKOPJE, MACEDONIA

BANK ACCOUNT: 300000000000133 25730522-11

SWIFT CODE: KOBSMK2X

IBAN CODE: MK07300701000001228