Фото: МИА

Зборуваме за заклучоци коишто евентуално би се донеле после информацијата што ќе ја достави Владата во Собранието по која ние ќе разговараме. Значи, не станува збор за промена на француски предлог којшто моментално е и европски предлог затоа што тој е предлог на маса, туку зборуваме за тоа какви заклучоци ќе донесеме како Собрание за да ја задолжиме и обврземе Владата како да се однесува во следниот период, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието Јован Митрески, пред почетокот на средбата на партиските работни групи денеска во Клубот на пратениците.

Тој рече дека станува збор за сериозен процес во државата, и очекува одговорност од сите политички партии и пратенички групи, затоа што се работи за иднината на државата и за иднината на нашите граѓани.

– Во тој контекст ние ќе дадеме наши предлог заклучоци коишто ќе се однесуваат на нашата стратешка определба за европскиот пат, односно членство во ЕУ со исклучување на билатералните историски прашања и секако ќе дадеме предлози или заклучоци коишто ќе значат безусловно почитување на определбата за посебните историски, јазични, културни посебности на македонскиот народ. Сето тоа ќе биде денеска од наша страна таму предложено и очекувам дека сите ќе се однесуваме конструктивно затоа што да повторам уште еднаш станува збор за сериозен процес во државата – појасни Митрески.

Прашан дали веќе има заеднички став во ВМРО-ДПМНЕ, Митрески, рече дека тоа до сите пратенички групи, односно до тие што денеска учествуваат на овој состанок доставиле наши предлог заклучоци да ги разгледаат.

– Денеска ќе разговараме врз основа на тие наши предлози. Сигурно ќе има нивни предлози, ќе разговараме и за тие предлози што може да бидат усвоени како заклучоци на седницата која што ќе се одржи во Собранието, изјави Митрески.

Тој повтори дека билатералните прашања се исклучени од преговарачката рамка, меѓутоа, во јавноста се создава или се отвора таа дилема.

– Затоа како Собрание уште еднаш ќе потврдиме дека билатералните прашања ќе бидат исклучени од рамката и ќе ја задолжиме Владата, затоа што овие заклучоци се обврзувачки за Владата да се исклучат билатералните прашања од аспект на историјата и образованието – рече Митрески.

Прашан за тоа кога е можна седница во Собранието, Митрески рече дека за тоа одлучува претседателот на Собранието.


Трајанов: Да се донесат заклучоци кои ќе имаат широка поддршка во парламентот

Пролонгирање на процесот и закажување на собраниска седница за францускиот предлог по усвојувањето на ребалансот на Буџетот, оставање простор на околу десетина дена за сериозна расправа со цел да се видат сите аргументи и ставови на партиите за да се донесат заклучоци, кои ќе бидат пошироко поддржани во законодавниот дом, предлага лидерот на ДС, Павле Трајанов. Заклучоците, како што појасни, треба да ја обврзат Владата да направи обид она што е содржано во нив да го вгради во преговарачката рамка и во другите документи, а доколку не успее тоа би значело дека не може да даде согласност за предлогот.

– Инаку, ако имаме процес на надгласување тогаш јас нема да гласам за заклучок, кој што нема да биде увоен со широк консензус. Се разбира дека некои партии се јавно декларирани против ЕУ, против НАТО, од нив нема да очекуваме ниту пак ќе бараме согласност за евентуален заклучок, којшто ќе се предложи. Веројатно има повеќе заклучоци од СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ, можеби и другите партии ќе имаат некои согледувања иако е во драфт верзија, веројатно ќе дојде време да расправаме за нив на оваа комисиска или работна група што ќе е – изјави денеска Трајанов пред почетокот на средбата на работните групи на политичките партии за разгледување на последниот француски предлог.

Нагласи дека ДС, ЛДП и ДОМ подготвуваат заклучоци, кои ќе ги презентираат во текот на расправата на политичките партии, но според него страшен хендикеп е тоа што се уште го немат протоколот, кој е клучен за тоа дали ќе се прифати рамката или не.

– Така што на се она што практично реагираме и како партии и како граѓани, медиуми итн. е вградено во протоколот, кој пак на еден или друг начин е составен дел на пакетот што се носи заедно со преговарачката рамка. Ќе видиме како ќе биде, но тоа денеска што ќе го зборуваме без протоколот не можеме да го верифицираме бидејќи како што нагласив тој е составен дел на пакетот на документот што ги носи Советот на ЕУ – истакна лидерот на Демократски сојуз.

Тој додаде дека ќе има расправа на пленарна седница, на која што секој пратеник ќе може да го каже својот став.

Трајанов нагласи дека заклучоците треба да бидат обврзувачки за Владата ако се дојде до некое решение, на пример во насока на изоставување на некои работи од преговарачката рамка.

– Во никој случај не треба билатерални прашања да бидат вградени во преговарачката рамка или, пак, во рамката да се повикува на меѓувладина конференција околу протоколот кога е усвоен. Значи, врската помеѓу преговарачката рамка и протоколот мора да се прекине. Протоколот и другите пропратни документи треба да бидат направени врз основа на реципроцитет. Тоа значи да има обврски и за Македонија и за Бугарија – рече Трајанов.

Нагласи дека тој ќе предложи во еден од заклучоците, каде што има обврска Северна Македонија да го промени Уставот со цел Бугарите да бидат вградени во преамбулата, да има посебен став Советот на ЕУ да ја обврзе Бугарија да ги имплементира одлуките на Судот во Стразбур, коишто се однесуваат за правата на Македонците.