Министерството за правда изрази загриженост поради приемот на Ива Михајлова на високо ниво во Софија, додека, како што наведува, сè уште е во сила судска забрана, пренесе МИА.
Од Министерството посочуваат дека владеењето на правото подразбира еднаквост пред законот, почитување на судските одлуки и доследна примена на правните процедури.
-Националната припадност и државјанството не смеат да бидат основа за привилегиран третман или различна примена на законот. Како соседни држави посветени на европската перспектива, имаме обврска односите да ги градиме врз заемна доверба, почитување и ефикасна правна соработка. Тоа подразбира и доследно почитување на правните обврски и независноста на судските постапки – се наведува во реакцијата на Министерството за правда.
Оттаму ја нагласуваат важноста на институционалниот дијалог и соработката, со цел сите отворени прашања да бидат разрешени врз основа на фактите, законите и меѓународните правни механизми.
-Европските вредности не се само декларација, туку обврска. Правдата мора да важи за сите, без исклучок и без селективност – порачуваат од Министерството за правда.
































