Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата со линеарното зголемување на пензиите за 7.000 денари придонела за подобрување на животниот стандард на пензионерите, пренесе МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на Неготино, Мицкоски потсети дека како опозиција ветиле линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари, но, како што рече, Владата обезбедила уште повисоко покачување.
-Ние отидовме чекор понапред и обезбедивме линеарно зголемување од 7.000 денари за сите пензионери – рече премиерот.
Тој додаде дека ова решение било оспорувано пред Уставниот суд од страна на СДСМ и лица блиски до партијата, но оцени дека најважно е што пензионерите добиле повисоки примања.
Според Мицкоски, во домаќинство со двајца пензионери тоа значи дополнителни 14.000 денари месечно, што, како што рече, придонесува за подостоинствен живот.
Премиерот посочи дека во минатото пензиите се зголемувале за неколку десетици денари, додека сегашното зголемување, според него, помогнало да се ублажат дел од финансиските предизвици со кои се соочуваат пензионерите.


































