Фото: Фејсбук на премиерот Христијан Мицкоски

Македонија веќе 15 години останува надвор од Европската Унија поради, како што оцени премиерот Христијан Мицкоски, вештачки прашања наметнати од земја членка на Унијата. Тој порача дека ваквиот пристап ја доведува во прашање и отпорноста на самата ЕУ.

Мицкоски ова го истакна на панелот „Отпорноста како императив за севкупното општество“, во рамки на самитот посветен на отпорноста во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, што се одржува во Диселдорф.

Во објава на својот Фејсбук-профил, премиерот посочи дека блокадите со кои се соочува земјава претставуваат ранливост во системот на Европската Унија и дека е потребна поодлучна реакција од европските институции.

– Сега се соочуваме со вештачко барање од земја членка на ЕУ, а на сето тоа може да се гледа и како на рушење на отпорноста на ЕУ. Кога постои таква дупка во системот, тогаш станува збор за ранливост на системот. Не секогаш рушењето на системот е предизвикано од оружје, туку и со други ресурси – напиша Мицкоски.

Тој оцени дека Европската Унија треба да преземе посериозни и поконкретни мерки кога земја кандидат се соочува со прашања од минатиот век наметнати од нејзина земја членка.

Премиерот нагласи и дека членството во Европската Унија треба да значи прифаќање и надградување на европските вредности, а не промена на националниот идентитет.

– Членството во ЕУ значи промена со додавање вредности, а не промена на идентитетот – истакна Мицкоски.

Тој потсети дека европскиот пат на Македонија започнал пред 26 години, дури и пред пристапувањето на Хрватска во Унијата, и нагласи дека земјата и понатаму се бори за остварување на своите права.

– Дел сме од НАТО, целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ, ја штитиме ЕУ од нелегална миграција од членки на ЕУ и така ќе продолжиме – порача премиерот на панелот во Диселдорф.