Фото: ВМРО ДПМНЕ пресс

Ако некој од ВМРО-ДПМНЕ гласа и под овие услови се промени Уставот, тогаш јас ќе си заминам и ќе ја напуштам политиката, изјави денеска партискиот лидер, Христијан Мицкоски.

Коментирајќи ги најавите за отворање нов бугарски клуб во земјава, Мицкоски истакна дека провокациите ќе продолжат. На прашањето за новиот документ што го изнесе бугарскиот технички министер за надвореши работи и за текот на разговорите меѓу Македонија и Бугарија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека целокупниот процес е предаванички и калкулантски, а македонската дипломатија капитулираше.

-Тоа е нок-даун за македонската дипломатија. Предупредував дека ќе се случуваат нови и нови барања од страна на Бугарија. Тука ќе предупредам на еден процес што се обидува да го води власта – „што да правиме, Европа така не тера“. Тоа не е точно. Европа не не тера. Не смееме да потпаднеме на таа провокација. Европа има чесни намери, ги отворила вратите за Македонија, јас верувам во тие чесни намери, но знам кој има нечесни намери – Владата во Софија и оваа наша некреидбилна и корумпирана власт, а единствената цел е асимилација на македонскиот народ, односно бугаризација. Тоа не е  европеизација – посочи Мицкоски.

Според него, непроменливоста на Уставот е првиот браник.

-Иако од власта ќе продолжат со притисоците и со изјавите дека имало пратеници од раководството. Нема такви. Тука сакам да ја затворам таа тема – по цена на мојата професионална и политичка кариера, такви луѓе нема, јас гарантирам. Ако гласа некој, ќе си заминам, ќе ја напуштам политиката и никогаш повеќе нема да се занимавам со политика ако јас додека сум претседател, под овие услови биде променет Уставот – подвлече Мицкоски.

Во врска со провокациите тој е дециден дека ќе продолжат, посебно сега кога во Бугарија има избори.

-Провокациите ќе продолжат додека овие луѓе се таму. Имајќи предвид дека во Бугарија сега се избори, ќе гледаме уште многу такви провокации, а нашите ќе молчат и ќе викаат „во Бугарија се избори и затоа е така“, рече Мицкоски.

Тој уште еднаш повтори дека државата оди во амбис и затоа, рече, се потребни предвремени избори.

Ќе предложиме закони до Собранието за ублажување на кризната состојба -најави Мицковски

Периодот што следи ќе биде предизвикувачки тежок, а не гледам иницијатива од Владата да ја подобри состојбата. Веднаш штом Собранието ќе продолжи со работа, ние ќе предложиме закони преку кои ќе се обидеме да ја ублажиме кризната состојба која ќе следува оваа есен и зима, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговорајќи на прашањето во врска со претстојната енергетска криза.

Според Мицкоски, енергетската криза со себе ќе повлече и економска криза, затоа што, како што рече, голем дел од производните капацитети веќе се затвораат.

-И во Македонија дел од тие капацитети веќе се затворија. Веќе добиваме информации од помалите стопански субјекти дека сметките за август, кои практично се однесуваат на јули со овој нов регулационен период, се зголемени некаде и четирикратно. Тоа значи дека голем дел од нив ќе бидат приморани или да отпуштаат вработени или да го затвораат својот бизнис, а дел од нив и ќе банкротираат. Сето тоа ќе има последици во економијата, рече Мицкоски во Љубанци, каде беше пуштено во употреба ново игралиште.

Тој напомена дека од парламентарното мнозинство, од СДСМ и ДУИ зависи дали ќе ги прифатат или не нивните предлози.

-Предупредував за енергетската криза уште во март, и предупредував што треба да направи оваа Влада но поради самобендисаноста и нивната неспособност ништо не направија. Ќе почне учебната година, за некој месец од денеска започнува и грејната сезона, имајќи в предвид во Средна и во Источна Европа грејната сезона почнува од 15 септември, допрва доаѓаат тешките времиња. Но, како што можам да забележам од страна на владините министри воопшто нема грижа за ова, ниту некој води сметка како понатаму, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на прашањето околу зголемувањето на даноците, Мицкоски одговори дека сите даноци кои оваа Влада ќе ги зголеми, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати, ќе ги намали, и како што рече, ќе водат политика на рамен данок не на 10, туку на 8 проценти.