Демографските промени се реалност што бара одговорност, визија и системски политики, порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Регионалната министерска конференција „Предводење на промените: Патеки кон демографска отпорност согласно потребите на луѓето“, што се одржува во Скопје во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади и УНФПА, под покровителство на Владата.
– Ова не е само уште една конференција, ова е разговор за иднината на нашите народи, за тоа какви држави ќе оставиме зад нас, дали ќе создадеме општества во кои младите ќе сакаат да останат, семејствата ќе сакаат да создаваат иднина, а повозрасните ќе живеат достоинствено – истакна Мицкоски во воведното излагање.
Премиерот нагласи дека демографската криза веќе има видливи последици и дека таа не смее да се третира исклучиво како прашање на статистика. Тој оцени дека досегашниот пристап, фокусиран главно на бројки, создал политики без долгорочна визија и вистинско влијание.
– Подолго време многу држави, вклучително и во нашиот регион, овие промени ги гледаа исклучиво низ призмата на бројките – колку нè има помалку, колку старееме, колку луѓе заминуваат. Таа таканаречена демографска вознемиреност често создаваше политики што реагираа доцна, фрагментирано и без долгорочна визија. Но суштината не е само во бројките. Суштината е во квалитетот на животот, во довербата што граѓаните ја имаат кон сопствената држава, во чувството дека тука можат да создадат дом, семејство, кариера и иднина – нагласи премиерот.
Според него, клучниот проблем е јазот во демографската отпорност, односно неподготвеноста навреме да се препознаат и менаџираат промените. Во тој контекст ја најави новата Стратегија за демографска отпорност 2026–2046, пренесе МИА.
– Нашиот пристап е јасен: наместо политика на страв, градиме политика на отпорност, наместо краткорочни мерки, создаваме долгорочна стратегија, наместо декларативни заложби, поставуваме системски решенија. Токму затоа ја подготвивме новата Стратегија за демографска отпорност 2026–2046 – не како формален документ што ќе остане на хартија, туку како национална рамка за иднината на државата – рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека основата на стратегијата е вложувањето во луѓето и испрати порака за личната и колективната одговорност.
– Конечно сите ние треба да си го поставиме прашањето што можеме ние да направиме за татковината, а не што татковината може да направи за нас. Не можеме континуирано да го трошиме системот. Не можеме континуирано да го злоупотребуваме системот, а истовремено да бараме тој истиот систем да ни враќа со најдобри политики и најдобри услови. Мораме да бидеме свесни дека системот сме ние – и каков систем ќе изградиме, таков систем ќе ни врати – рече Мицкоски.
До младите упати порака дека треба да сонуваа дома.
– Дома треба да сонуваме и дома треба да ја градиме нашата заедничка иднина, во нашата заедничка татковина. Колку посилно сонуваме и колку посилно работиме дома, толку посилен систем ќе имаме. Не придонесувајте во туѓи економии – иднината на вашата татковина се гради дома – рече премиерот.
На конференцијата се обрати и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, кој оцени дека регионот и Источна Европа се соочуваат со длабоки и долгорочни демографски предизвици.
– Регионот и голем дел од Европа, особено Источна Европа, се соочуваат со сериозни демографски предизвици, низок фертилитет, миграција и забрзано стареење на населението. Во некои земји, населението е намалено за една третина од 90-тите наваму, со директни последици врз пазарот на труд, здравствените и пензиските системи и економската конкурентност – истакна Лимани.
Во таа наока, како што дополни, потребни се храбри, долгорочни политики и поочи дека токму овие различни реалноти, бараат долгорочни и храбри политики насочени кон луѓето, засновани на докази, човекови права и регионална соработка.
Министерот информираше дека Владата, со поддршка на УНФПА, ја финализира Националната стратегија за демографски развој и отпорност.
– Со поддршка на УНФПА, ја финализираме Националната стратегија за демографски развој и отпорност, усогласена со Националната Развојна Стратегија 2023–2042 и Рамката за соработка со Обединетите нации 2026–2030. Во моментов се одвиваат јавни консултации со сите релевантни чинители, по што стратегијата ќе биде доставена на усвојување од Владата и Собранието – изјави Лимани.
Тој нагласи дека документот обезбедува мултисекторски пристап, со фокус на човечкиот капитал, семејствата, младите, социјалната инклузија и улогата на дијаспората, како и на нов закон за управување со миграциите и реинтеграција на повратниците.
– Денес зборуваме за глобален предизвик со кој се соочуваме сите ние. Демографските предизвици не познаваат граници и не можат да се решаваат изолирано. Потребна ни е заедничка акција, споделување на знаење и координирани решенија што ќе ги поврзат регионите и ќе создадат одржливи можности за сите генерации – заклучи Лимани.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, истакна дека демографските предизвици имаат директно влијание врз надворешната политика, економската конкурентност и долгорочната стабилност на државата.
– Демографските предизвици не се само статистика. Тие денес се прашање на економска конкурентност, национална отпорност и долгорочна стабилност на државата. Како држава која историски претставува крстосница на цивилизации, култури и идеи, ние не смееме да бидеме пасивни набљудувачи, туку мораме активно да ги обликуваме овие процеси – истакна Муцунски.
Тој посочи дека човечкиот капитал и дијаспората претставуваат клучен стратешки ресурс за развојот и меѓународната позиција на државата.
– Нашата дијаспора претставува огромен потенцијал и природен мост меѓу државите во светот, поврзувајќи ги луѓето, економиите, знаењето и новите можности. Затоа преку новата Стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030 година сакаме да изградиме посилни и подинамични врски и да излеземе од рамките на традиционалните дознаки кон долгорочни инвестициски и развојни партнерства – нагласи министерот.
Осврнувајќи се на задржувањето на младите, Муцунски рече дека тоа бара конкретни политики и економска трансформација.
– Задржувањето на младите не може да се постигне само со пораки, туку со реални можности, квалитетни работни места и конкурентна економија. Преку интеграцијата во европскиот економски простор и Планот за раст на Европската Унија создаваме мобилност што е избор, а не нужност, и услови иднината да се гради дома – порача Муцунски.
По официјалното обраќање, следуваат воведни обраќања од високи претставници на државава и ООН. Денеска во рамките на конференцијата ќе се одржат четири тематски панел дискусии, со учество на министри, заменик-министри и претставници на меѓународни организации. Додека, на вториот ден – утре конференцијата ќе ја отвори претседателот на Собранието, Африм Гаши.

































