Комеморација во чест на актерот
Комеморација за актерот Мето Јовановски се одржа денеска на големата сцена на Драмскиот театар во Скопје. На комеморацијата, со потсетување на неговото дело преку сцени од филмови и претстави во кои играл, како и со раскажување на спомени со него од страна на неговите пријатели и соработници, последен поздрав му оддадоа неговото семејство, колеги и студенти.
Актерот Благоја Чоревски се потсети на нивните студентски денови, кога, како што кажа, заедно со Мето Јовановски престојувале во иста соба во Софија.
– Мето беше актер кој имаше енергија, имаше „атомска бомба“ во себе. Кога ќе излезеше, го правеше тоа со некоја чудна леснотија, а во суштина е многу тешко – истакна Чоревски и нагласи дека Мето за него ќе остане секогаш Енчо, како што се викале од една етида која ја правеле на Факултетот за драмски уметности во Софија.
Крсте Јовановски за Мето вели дека ни остави аманет кој треба да го чуваме и споделуваме.
– Сите ние во текот на нашето живеење ставаме по нешто во нашиот живот, без разлика колку тој трае, некој повеќе, некој помалку, се зависи од она кој колку знаел и умеел. Почитувани, Мето во неговиот живот стави многу, затоа што многу знаеше и многу умееше, а и можеше. И тоа ни го остави во аманет да го паметиме и чуваме ние во нашите срца и да го пренесуваме – нагласи Јовановски.
Со актерот се поздрави и директорот на Црногорскиот народен театар, Илија Суботиќ, кој истакна дека Мето Јовановски беше голем пријател на Црна Гора, црногорската култура и Црногорскиот народен театар.
– Театарските и филмските улоги на Јовановски припаѓаат на најпосебните уметнички траги што останале во театарската и филмската уметност, на таа културна заедница која ги преживеала пред се, предизвиците на нашата комплицирана и бурна модерност. Мето е своевиден симбол на таа истрајност, уметник кој со еднаков интензитет ја носел автентичноста на своето родно место и истовремено владее со креативната моќ по која се препознава уметничката универзалност. Поради сите свои човечки и професионални доблести, тој останува примерен пример за идните генерации театарски и филмски уметници, кои преку неговата раскошна креативност можат да научат дека вистинскиот талент е несомнена вредност во секој простор и време – рече Суботиќ.
За Мето велат дека бил строг, но правичен во работата со студентите.
– Тој не пушташе никого на неговите часови и проби со студентите. Тоа беше чин којшто тој го имаше само со нив. И кога беше многу задоволен, не ги фалеше премногу. Мето не криеше дека методот по кој работи е истиот метод по кој тој работел со неговиот професор Бојан Дановски. Беше перфекционист, а тоа го бараше и во работата, го бараше и од неговите студенти. Бараше постојаност на часовите. Беше строг и при давањето десетки, но остави длабоки траги во младата генерација на македонски актери – велат неговите колеги.
Телеграми на сочуство до семејството на Мето Јовановски испратија: претседателот на државата, Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, националните установи – Македонскиот народен театар, Театарот за деца и младинци, Албански театар, Народен театар Битола, Факултетот за драмски уметности како и голем број негови театарски и филмски колеги и соработници.
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец Мето Јовановски почина на 16 ноември на 77-годишна возраст.
Мето Јовановски е роден 1946 во село Панчарево, Пехчевско. Во 1971 година завршил Театарска академија во Софија, Бугарија и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје. Неговата актерка кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу кратко време, Јовановски се истакнал како еден од водечките драмски уметници во земјава. „Тетовирање“, „Пред дождот“, „Големата вода“, „До Балчак“, „Опстанок“, „Среќна Нова 49-та“, „Трето полувреме“, „Најдолгиот пат“, „Опстанок“, се дел од филмските проекти во кои Мето Јовановски играше главна улога. Јовановски за своите театарски, филмски и телевизиски улоги ги има добиено државни награди „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“. Тој е добитник и на наградите „Златна клапа“ во Белград, четирикратен лауреат на наградата „Милтон Манаки“, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, како и наградата за животно дело на осмиот Балкан панорама филм фестивал во Измир 2022.