Фото: МИА/Архива

Во Основниот Кривичен суд Скопје денеска заврши доказната постапка за случајот „Ласкарци“ што се однесува на автобуската несреќа во која загинаа 16 лица и околу 30 беа повредени. Завршните зборови на Јавниот обвинител се закажани за 14 декември. Завршни зборови потоа ќе треба да даде и одбраната на обвинетите, по што Судот ќе треба да закаже објава на пресуда.

На денешната расправа Јавниот обвинител, Дарко Јакимовски, изврши прецизирање на обвинението при што рече дека нема измена на квалификацијата на делото за ниту еден од обвинетите.

Прецизирањето, според обвинителот, е направено врз основа на доказите изведени во текот на главната расправа и во тој дел е конкретизиран описот во поглед на хронолошкиот тек и пропустите кои стојат на страна на обвинетите.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судењето започна во 2019 година и трае четири години. Изминатава година расправите се однесуваа на супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година, а кое беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, или не се компетентни за истото, со што Бирото за судски вештачења потоа формира тим лиценцирани вешти лица кои изготвија супервештачење кое во Кривичен пристигна по една година, во декември 2022.

Бранителот на обвинетиот Игор Дуковски, адвокатот Сашо Дукоски, во изјава за медиуми по денешната расправа изјави дека супервештачењето, како што рече, претставуваше врв на доказната постапка.

– Супервештачењето претставуваше врв на доказната постапка и се утврди тоа што ние го тврдиме од самиот почеток, дека оваа сообраќајна несреќа е склучена исклучиво и само поради вина и поради недоволно внимание од страна на шоферот – рече тој.

Од друга страна, бранителот на дел од оштетените, адвокатот Владимир Николоски од Гостивар, рече дека смета дека работите се разјаснети уште со првите вештачења.

Според родител на еден од загинатите, Судот, како што рече, „си купуваше време“ со супервештачењето.

– Да не беа нашите притисоци, од родителите и оштетените, тоа немаше никогаш да се случи. Судот само купуваше време и не се покажа ништо ново или дополнителни докази од супервештачењето – рече родителот.

Според него, супервештачењето тежнеело кон тоа да се префрли вината на возачот.

Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска.