Изградбата на професионална, ефикасна и департизирана јавна администрација усогласена со европските стандарди е еден од клучните приоритети на Северна Македонија на патот кон членство во Европска Унија, истакна министерот за јавна администрација Горан Минчев.
На Министерската конференција „Од реформи до подготвеност: градење лидерство и таленти за пристапување во Европската Унија“, одржана во рамки на Берлински процес, Минчев нагласи дека реформите веќе се спроведуваат преку системски промени насочени кон подобрување на јавниот сектор.
– Патот кон Европската Унија не се гради само со усогласување на законите, туку и со институции кои функционираат и администрација што испорачува резултати – посочи министерот.
Тој додаде дека реформите опфаќаат зајакнување на лидерството, модернизација на законската рамка и забрзана дигитална трансформација. Во тој контекст, беа издвоени новите закони за административни службеници, за јавниот сектор и за стручно усовршување, како и подготовката на закон за високи раководители со мерит-систем за избор и оценување.
Посебен акцент беше ставен на формирањето на Академија за обука на административни службеници, како механизам за континуиран професионален развој.
– Инвестицијата во знаење и компетенции значи инвестиција во силни институции и одржлива европска иднина – нагласи Минчев.
Во рамки на конференцијата беа усвоени заеднички заклучоци со кои се потенцира значењето на професионалната администрација за демократско управување и напредок кон ЕУ. Учесниците истакнаа дека зајакнувањето на институционалните капацитети, мерит-системот и политичката посветеност се клучни фактори, додека дигитализацијата и модерното управување со човечки ресурси ја зголемуваат ефикасноста и транспарентноста.
Исто така, беше нагласена улогата на РеСПА во поттикнување на регионалната соработка и размена на знаења како дел од приближувањето кон европските практики.

































