Фото: Маја Јаневска-Илиева

За Белгија интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија е стратешко прашање и за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ сака да постигне напредок во проширувањето, вклучително и на регионот, изјави во интервју за МИА белгискиот амбасадор во Македонија со седиште во Софија, Фредерик Мерис.

Мерис во четвртокот присуствуваше на настан во Европска куќа во Скопје, во организација на Европското движење, каде ги претстави шесте приоритети на белгиското претседателство со ЕУ.

Тој таму кажа дека проширувањето на Унијата е многу важна тема на агендата на белгиското претседателство. -Белгија е убедена во стратешката важност на проширувањето. Исто така е убедена дека тоа е процес заснован на заслуги, којшто бара и реформи. Но исто така, во текот на нашето претседателство, сакаме да постигнеме некои резултати во однос на проширувањето, сакаме да имаме преговарачка рамка со Украина и Молдавија, меѓувладини конференции со Албанија и Северна Македонија, како и отворање нови поглавја со Србија и со Црна Гора, посочи Мерис.

Амбасадорот го спомена и новиот План за раст за Западен Балкан, во којшто, посочи, треба да се финализираат сите финансиски прописи, што треба да бидат воведени за да тој побрзо се имплементира. Потоа, кажа тој, ќе работат на постепена интеграција на земјите-кандидати, а тоа, вели, значи, на кој начин секоја земја ќе учествува во процесите на Европската Унија, додека се подготвува да стане полноправна членка.

-Интенцијата на Белгија за секоја земја, е да може да присуствува на Советот за општи работи што ќе се одржи во април, додека иницијативата на Комисијата е земјите-кандидати да се вклучат во Извештајот за владеењето на правото, а исто така да имаат улога во сите размислувања за иднината на Европа. Ова е наша стратешка визија, и таа стратешка визија треба да се претвори во стратешка агенда, нагласи тој.

Во интервјуто за МИА, Мерис, пак, посочи дека владеењето на правото и борбата против корупцијата, се поставени во врвот на нивните приоритети во претседавањето. За Северна Македонија, како и за останатите држави, вели дека е важно да се постават конкретни инструменти за борба против корупцијата и да не им се дозволи на луѓе вмешани во организиран криминал и корупција да поставуваат правила на игра.

Предвидено е амбасадорот Мерис на 9 февруари во Собранието на Северна Македонија, пред пратениците и дипломатскиот кор да ги претстави приоритетите на белгиското претседателство со Советот на ЕУ.

Амбасадоре, во Вашето експозе кажавте дека Северна Македонија и Западен Балкан се дел од приоритетите на белгиското претседателство со ЕУ. Имајќи го предвид сложениот геополитички контекст, и доколку овие земји останат надвор од ЕУ, дали ќе има одредени безбедносни импликации во регионот?

– Добро ги поставивте параметрите на прашањето. Ова е стратешко прашање – интеграција на Западен Балкан во ЕУ – и овде не се работи дали сакаме или не, туку дека тоа е важно за доброто на регионот и цела Европа, бидејќи не сакаме регион насред континентот како извор на тензии и нестабилност. Ова е стратешко прашање и затоа Белгија, како дел од обврските во рамките на Претседателството, сака да постигне напредок во проширувањето, вклучително и на Западен Балкан.

Како вие како претседавач ќе го постигнете тоа?

– Улогата на ротирачкото Претседателство со ЕУ во прашања како на пример проширувањето е да се утврди политичкиот простор за вклучување на сите земји што треба да донесат одлука по ова прашање, како и да се изнајде потребниот компромис или став за да се постигне напредок на оваа тема. Ова е прашање што треба да се дискутира со сите засегнати земји – од регионот и Европа – за да се најде заедничкиот именител што може да го употребиме за да се постигне согласност од сите земји околу заеднички прогрес на патот на проширувањето.

Исто така рековте дека борбата против корупција е дел од приоритетите. Северна Македонија доби многу критики во овој дел во Извештајот за напредок на ЕК. Кои се вашите препораки на ова поле?

– Ќе кажам две работи. Првата е дека борбата против корупцијата е секако важна тема во однос на пристапувањето кон ЕУ и ние сме уверени дека благодарение на владеењето на правото и борбата против корупција, граѓаните во земјата можат да ги уживаат сите придобивки од членството во ЕУ. Второ, корупцијата не е нешто што е карактеристично за Западен Балкан или Северна Македонија, тоа е нешто што постои и во Белгија исто така. Работата е во тоа што треба да се постават потребните инструменти за борба против корупцијата и да не им се дозволи на луѓето поврзани со организиран криминал или корупција да ги постават правилата на играта. Ние сакаме владеењето на правото да остане на врвот на нашите активности и затоа борбата против корупцијата е многу важна.

Оваа 2024 година, е изборна година во Северна Македонија, во Европскиот парламент и во САД. Имајќи го ова предвид, дали можеби ќе има некакви импликации по европската интеграција на Западен Балкан?

– И во Белгија е изборна година, односно избор на нов парламент во јуни и потоа составување на нова влада. Би било смешно да се каже дека сите овие избори немаат влијание врз тоа што ќе се случи потоа, а исто така би било неприродно тие да немаат некакви импликации, бидејќи изборите претставуваат можност за граѓаните да кажат какви политики сакаат. Тие можат да влијаат и на прашањето на проширување. Сепак, тоа не го менува фактот дека проширувањето е стратешка цел на ЕУ, и кога станува збор за Белгија, никогаш не сум слушнал некого да каже дека е против зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ. Која и партија да дојде на власт во Белгија нема да го смени гледиштето по ова прашање.