Фото: МЗ

Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити се сретна со Салка Абдуловска, мајка на 17 годишното момче за кое излезе информација дека било несоодветно третирано во Психијатриската болница во „Демир Хисар“. Министерот Меџити, лично се запознал со случајот, за да може министерство да помогне за полесно секојдневние во грижата за момчето. На средбата, од страна на Меџити било изразено жалење за настанатата ситуација и министерот потенцирал дека никогаш нема да дозволи несоодветен третман на пациентите, особено на малолетни лица.

-Иако добив уверувања од менаџментот на болницата дека е постапено по сите протоколи со цел безбедност на пациентот, случајот и работењето на болницата Демир Хисар ќе биде под строг надзор на министерството. Ги охрабрувам другите институции кои започнаа постапка да ги завршат за да се расчисти случајот до крај. Родителите на момчето ја имаат нашата поддршка. Разговаравме за нивните проблеми и ветивме дека ќе се заложиме на оваа семејство да му помогнеме, ќе направиме напори момчето да биде сместено во интернатот од училиште за деца со посебни потреби, Партениј Зографски, во Скопје каде оди во училиште – истакнал на средбата министерот за здравство.

Мајката на 17 годишното момче, на средбата пренела дека дополнително семејството било вознемирено со објавување на лажни фотографии во јавноста, каде биле изнесувани невистини дека се работи за нејзиното дете, прикажувајќи момче како седи на земја врзано за кревет. Министерот за здравство упатува апел до целата јавност за внимание при споделување чувствителни вести.