Фото: Влада

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, на денешниот отчет за сработеното во стоте дена откако е на функцијата, се пофали дека утрово првпат пиел кафе со проф. д-р Сашко Јовев и дека одлуката за негово разрешување не ја менува. Не зборувале дали Јовев ја прифатил неговата понуда да му биде советник.

-Првпат денеска утринското кафе го испив со почитуваниот професор Јовев. Професорот ќе продолжи да работи како најдобар кадар од таа клиника заедно со другите во стручниот тим, со сите други колеги кардиохирурзи. Ќе се посвети повеќе на пациентите и на работата, а ќе ја има мојата потполна поддршка како доктор што ги извршува секојдневните дејности на клиниката – рече министерот Меџити.

На прашањето дали ќе има нов директор, министерот одговори „ќе видиме“ и најави дека ќе се труди програмата за трансплантации да добие поголем буџет.

Не зборувале дали Јовев ја прифатил неговата понуда да му биде советник.

-Не зборувавме за тоа, испивме само кафе. Почитуваниот професор е мој добар другар и мој колега и ние и по ова, ќе продолжиме да работиме во Клиничкиот центар заедно за доброто на пациентите. И како министер сега и како лекар утре и претходно како лекар, ќе соработуваме за таа цел – рече министерот Меџити.

На секое прашање за смената на Јовев министерот Меџити кажуваше дека ова веќе е апсолвирана тема и даваше куси одговори, кои се повторуваа. Таков одговор даде и на прашањето дали ќе ги послуша јавноста, пациентите, лекарските здруженија, како и самиот Јовев и неговиот адвокатски тим, кои го повикаа да ја преиспита одлуката за разрешувањето.

-Кога министерот носи одлука, таа не се преиспитува, тоа е асолвирано прашање, почит кон професорот – рече министерот Меџити.

Адвокатскиот тим на кардиохирургот Јовев најави тужба по решението, со кое тој се разрешува за листи за исплата на дежурства од 2022 година.