Фото: З.А.

Во непосредна близина на новите градски гробишта во Кичево заврши изградбата на градската капела, која почна да се гради во септември минатата година. Средствата за оваа намена се обезбедени од ТАВ-програмата во износ од 400.000 евра.

-Кичево конечно и за прв пат доби нова градска капела. Во новиот објект инсталирани се неопходните комори, завршено е партерното уредување на парцелата, деновиве објектот ќе биде приклучен во електро-мрежата со што ќе бидат исполнети сите предуслови за негово пуштање во употреба. Комплексот ќе биде целосно завршен кога ќе заврши изградбата и на новиот црковен храм „Жени Мироносници“ кој почна да се гради пред повеќе од две години – рече отец Александар Матески, старешина во кичевското архиерејско намесништво.

Тој напомна дека со изградбата на новата градска капела и црквата ќе биде дислоциран и влезот во градските гробишта и наместо од јужната страна од магистралниот пат, главниот влез ќе биде лоциран од северната страна. З.А.