Фото: Приватна архива

Пред пописот на населението и домаќинствата во Албанија, што почнува утре, Македонско друштво „Илинден”-Тирана ги повика сите Македонците во Република Албанија „да се изјаснат она што се Македонци и да го зачуваат својот македонски идендитет”.

– Од утре до 30 октомври, тимовите на ИНСТАТ ќе тропнат на вашата врата за собирање податоци за пописот на населението и домаќинствата. Не потпаѓајте под никакви влијанија, нека не ве заплашува никој и ништо. Главата горе и изјаснете се она што сме – Македонци – порачува друштвото.

Одговорете на сите прашања, стои понатаму, меѓу нив и за етничката и религиска припадност и јазик иако за овие три прашања во формуларот одговорот не е задолжителен.

Посочуваат дека се дава можност да проверат дали дадениот одговор е правилно внесен во таблетот од страна на попишувачите.

– Не има насекаде низ Албанија. Главно сме концентрирани во областите Мала Преспа, Врбник, Гора, Голо Брдо, но со по неколку десетина илјади не има и во Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Кукс, Фиер и во други градови. Со векови сме опстоиле и покрај сите голготи, ќе ја преживееме и оваа агресивна бугарска асимилаторска кампања – вели за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Осудувајќи ја „бугарската асимилаторска кампања”, порачува дека е убеден оти Македонците ќе се изјаснат она што се и никако поинаку