Фото: Фејсбук-профил на Борчо Коцев, градоначалник на Зрновци

Првпат годинава во општина Зрновци се роди бебе.

Бебето, кое се родило со тежина од околу 3,5 килограми и должина од 50 сантиметри, се вика Мартин и е петто момче на родителите Тања и Горан Атанасови.

Породувањето го извршил единствениот гинеколог во Општата болница во Кочани, д-р Илчо Атанасовски.

Градоначалникот на Зрновци Борчо Коцев, ги посети мајката и бебето во болницата и најави поддршка од локалната самоуправа за семејството. Така, Мартин и неговите четири братчиња добија петгодишен бесплатен престој во детска градинка „Бисерчиња“ во Зрновци, вредносен ваучер од 50.000 денари за бебешки продукти и реквизити. Добија и градежна парцела до 500 квадратни метри за изградба на индивидуален дом. Четирите братчиња кои се ученици во ООУ „Синиша Стоилов“ во Зрновци добија и парична стипендија.