Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска одржа состанок со Оливер Вархеји, еврокомесар за проширување и соседска политика на ЕУ, на кој разговараа за европската перспектива на земјава и за важноста за деблокирање на евроинтеграциите.
– Бевме и ќе останеме посветени на одржување на позитивни резултати во спроведувањето на реформите, како што е потврдено во последниот извештај на ЕК за земјата, и никој не може да го негира тоа. Веќе е време да се даде нов тек на нашата европска агенда и да ги започнеме преговорите со Европската Унија – рече вицепремиерот Маричиќ.
Еврокомесарот Вархеји ја потврди поддршка на евроинтегративниот процес и изрази очекување дека со Бугарија ќе се изнајде најдоброто решение, во интерес на двете земји.
Вицепремиерот Маричиќ на состанокот укажа и на нашата посветеност на евроинтеграцискиот процес, брифирајќи го еврокомесарот Вархеј за работата и приоритетите на СЕП, како и за потребата од затворање на прашањето со Бугарија и деблокирањето на евроинтеграциите на Македонија.
– Постојаното одлагање на добивање датум за почеток на преговорите, се одразува на домашната политика, го зголемува евроскептицизмот, но и загриженоста за геополитичката стабилност – истакна Маричиќ, додавајќи дека ние сме веќе докажан партнер на ЕУ.
Маричиќ изрази уверување дека со Бугарија ќе се изнајде европско решение, кое ќе биде конкретен резултат и чекор до полноправно членство Македонија во Европската Унија.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на состанокот заеднички е констатирано дека европските интеграции на Македонија и на регионот се единственото трајно решение за обезбедување траен мир и стабилност и на Западен Балкан и на Европа, и дека треба да се направи чекор напред во евроинтеграциите, во интерес на сите.